„Од Скопје до Сицилија стигнав за 6 часа - летав преку Софија за 27 евра, јадев бургер од коњско месо“
Последниот дел го поминавме во прошетка низ Катанија.
Преку интернет букиравме walking tour - тура со локален водич кој ве шета низ градот, а на крајот наместо точно утврдена сума, му оставате онолку колку што мислите.
Шетајќи низ градот, во друштво на водичот, ги видовме скриените улички на Катанија, ја слушнавме приказната за ерупцијата на вулканот Етна, со чија лава е изграден дел од градот (оттаму црната боја на многу градби), а неизбежно беше некој да ја спомне и сицилијанската мафија.
Жената водич ни раскажа:
„Ве слушнав кога спомнавте мафија, па ќе ви раскажам приказна поврзана со моето семејство.
Кога бевме деца во нашето село се досели овчар. Мирен човек, често доаѓаше кај нас на гости.
Со татко ми се договорија неговите овци да пасат на нашите ливади, а за возврат тој често ни носеше млеко, сирење, кашкавал...
Сè додека еден ден не ја видовме неговата слика на вести и не дознавме дека бил еден од најмоќните мафијашки шефови, баран за убиства.
Никој не можеше да поверува, тоа беше најмирниот човек што сме го запознале. Затоа не очекувајте да ги препознаете.
Можеби и деновиве во некој ресторан седел мафијашки шеф покрај вас, но по неговиот изглед нема како да знаете дека е навистина член на мафијата“, ни раскажа таа.
И токму во еден од скриените ресторани на Катанија пробав вистински сицилијански специјалитет - бургер од коњско месо, со прелив од бел сос и ф'стак (околу 20 евра).
Како и да звучи на прва, верувајте, беше превкусно.
Следниот пат кога ќе отидам на Сицилија, имам листа со места, бидејќи ми останаа неистражени Палермо, Турските скали (да ги видам одблизу) и вулканот Етна.
А и во Сиракуза би се вратила пак во секое време.
Малку поради специјалитетите со ф'стак, поради најубавото Негрони, наполитанските пици, но и поради енергијата на островот која нема да ве остави рамнодушни.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: С. Н. / М. К