„Од Скопје до Сицилија стигнав за 6 часа - летав преку Софија за 27 евра, јадев бургер од коњско месо“
Но, тишината ни годеше на сите, а јас бев воодушевена од мирот и топлината на ова мало место.
Едно од ретките места кои беа отворени, беше продавница во која се продаваа рачно изработени чоколада, скоро сите со необични вкусови – солено, со вкус на чили пиперче, сушен босилек, лимон во комбинација со карамела, со бибер...
Пробав неколку вкусови и ми стана јасно зошто оваа семејна компанија за чоколадо неколкупати ја добила наградата за најдобро handmade чоколадо во Италија.
Кога веќе сфативме дека нема каде да се освежиме, го продолживме патот кон Сиракуза.
А таму нè дочека сосема поинаква атмосфера.
Само што го оставивме автомобилот на паркинг, пред нас се појави огромно пристаниште со десетици јахти и бротчиња.
Седејќи во кафуле во близина на пристаништето, уживавме во вкусот на италијанското капучино и кроасаните со ф’стак.
А цените не беа воопшто високи (споредено со она што очекував). Капучиното беше 3 евра, сочната кроасана 2 евра.
Не знаевме што да очекуваме, па тргнавме да шетаме покрај пристаништето.
Самиот пат нè одведе до место со 30-тина кафулиња и ресторани, сите со поглед кон морето и едно од најубавите зајдисонца што сум ги видела.
Некако во тоа време почнаа да отвораат и рестораните, градот да живнува, а на плоштадот во стариот град, пред големата катедрала почна да се слуша музика - дувачки оркестар, свирачи во воени униформи кои маршираа и (малку раштимано) отсвиреа десетина песни за мерак на минувачите.
Но, како што реков - на Сицилија ништо не е онака како што изгледа.
Кога во скриените улички на Сиракуза конечно ја најдовме пицеријата каде што сакавме да вечераме, нè дочека црна темница, иако пишуваше дека треба да е отворено.
Додека се вртевме наоколу, од зад една врата се појави човек кој со лош англиски ни потврди дека ресторанот навистина отвора во 19 часот, но дека ќе отвори дури во петок (а беше вторник).