Грешки со кои можете да си го расипете одморот во Италија, според Италијанка
Непотребно трошите пари на работи кои всушност чинат малку и се потпирате само на совети од инфлуенсери – млада Италијанка споделува со кои грешки туристите си го уништуваат одморот во Италија, но и им покажуваат непочитување на локалците.
Кога одите на патување во друга држава, локалците се оние од кои можете да ги добиете најдобрите совети за буквално сè.
Италија е една од најпопуларните дестинации во светот, и тоа во секоја сезона, но и покрај ова туристите постојано прават некои грешки таму.
Ова го забележала и Италијанката Федерика Боко, која за Insider ги споделува најчестите грешки.
Моментално таа живее во Рим и вели дека забележала дека поради овие грешки, туристите несвесно си го расипуваат патувањето, но и го нарушуваат мирот на локалците.
Советите на Федерика кои сигурно ќе ви се најдат:
Се потпирате само на совети од инфлуенсери
Без разлика дали се на Инстаграм или ТикТок, инфлуенсерите станаа најголем извор на информации за патувања.
Иако тие нудат одлични совети и трикови, Федерика нагласува да не се потпирате само на нив.
Не заборавајте дека неретко патувањата на инфлуенсерите се платени од туристички агенции и слично, па можат да отседнуваат на места кои можеби за вас ќе бидат многу скапи.
Покрај тоа, тие користат разни филтри за нивните фотки и можат да ви постават нереални очекувања за дестинацијата.
Најдобро е пред патување и самите да истражите за дестинацијата, кога ќе стигнете таму да разговарате со локалците, да се консултирате со други туристи…
Несвесно плаќате многу за работи кои се всушност евтини
Федерика истакнува дека многу продавници и ресторани го користат незнаењето на туристите и ги „набиваат“ цените.
Неретко се случува луѓето да платат 20 евра за порција тестенини бидејќи се во ресторан на прометно место, кога во реалноста оваа порција чини само 9 евра.
Па, добро истражете кои ресторани имаат пристапни цени бидејќи квалитетот е ист.
Исто така, избегнувајте ги луѓето кои ветуваат дека ќе ви помогнат да влезете преку ред во некоја атракција. Во повеќето случаи, овие луѓе само ќе ви ги земат парите и нема да добиете ништо корисно од нив.
Имате погрешни очекувања
Федерика вели дека поради филмовите и сериите, луѓето имаат погрешни очекувања од Италија. Мислат дека земјата е како на филм, па се разочаруваат кога ќе стигнат таму.
Истовремено, не се свесни дека ќе налетаат на многу културолошки разлики, а ова е уште едно нешто што ги разочарува.
Федерика советува да бидете реалистични со очекувањата, да бидете отворени за разликите и да ја гледате посетата како можност да научите за италијанските уметност, историја, култура и традиции.