Што е „микро-неверство“ (и знаци дека сте изневерени на овој начин)?
Иако не вклучува физичка интимност, микро-неверството се граничи со емоционалното изневерување, кое може да биде подеднакво болно и како аферите. Кои однесувања на партнерот може да се наречат „микро-неверство“?
„Микро-неверството“ е термин во кој се опфатени голем број дејствија и однесувања, кои како и класичното неверство може да ја нарушат довербата и интегритетот на партнерите во врската.
Дејствијата од „микро-неверствата“ можеби наликуваат на ситници и неважни детали, во споредба со сексуалните афери и неверства, но факт е дека тие може да направат партнерите да почнат емотивно да се дистанцираат и да предизвикаат сомнеж меѓу нив.
Во англиското говорно подрачје за ваквото однесување се користи терминот micro-cheating, а кај нас се преведува како „микро-неверство“.
Знаете ли за какви дејствија станува збор и кои се знаците?
Микро-неверствата може да бидат различни од пар до пар, но во продолжение ќе издвоиме неколку примери што укажуваат на него:
Партнерот има профил на апликации за состанување
Многу често се случува и кога се во врска некои личности да одбиваат да ги избришат профилите на апликациите за состанување, што на партнерот нема да му се допадне и со текот на времето ја разнишува довербата.
Тајна комуникација со поранешниот партнер
Замислете само како би се чувствувале кога случајно ќе откриете дека вашиот партнер постојано комуницира со поранешната љубов и тоа го прави без ваше знаење.
Веднаш почнувате да се прашувате дали сѐ уште се гледаат и која е потребата таа комуникација да се одвива во тајност.
Градите емотивна поврзаност со други луѓе или колеги
Ако често му најавувате на партнерот дека одите на вечера или во кино со колега или со пријател, тој може погрешно да го сфати вашето однесување.
Веднаш се смета дека тоа се романтични активности кои може да ги поместат границите меѓу љубовта и пријателствата.
Постојано флертувате онлајн
Можеби сметате дека нема ништо страшно во тоа да коментирате или да лајкнете некоја флертувачка објава на Инстаграм, но на вашиот партнер тоа сигурно нема да му се допадне.
Иако верувате дека тоа е само виртуелна реалност и нема никаква врска со реалниот живот, сепак, тоа е однесување што може да ја повреди личноста со којашто сте во врска, затоа што ќе верува дека почнале „очите да ви шараат“.
Иако на прв поглед не делува сериозно, микро-неверствата може сериозно да го нарушат односот меѓу партнерите во врската.
Најчесто партнерот што е изневерен се чувствува несигурно, анксиозно и како да не е важен.
Веднаш почнуваат да растат сомнежите, се јавува љубомора и несигурност во себе, заради што често може да побараат прекинување на врската.
Иако не вклучува физичка интимност, микро-неверството се граничи со емоционалното изневерување, кое може да биде подеднакво болно и како аферите.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: генерирано со AI