Знаци дека сте во врска со партнер кој ве контролира (дури и ако не ви изгледа така), според психијатар
„Сум имал многу пациенти кои биле во врска со партнер кој ги контролира и, во повеќето случаи, тие не се ни свесни за манипулацијата“, вели британски психијатар кој ги споделува најчестите знаци дека партнерот ве контролира.
Разголените изданија на (релативно) новата сопруга на Канје Вест – Бјанка Сенсори – се чини веќе не ја шокираат јавноста.
Но, многумина сметаат дека раперот ја контролира Бјанка и таа излегува практично гола по негова наредба, а не бидејќи самата сака.
Обично мислиме дека можеме лесно да забележиме ако партнерот сака да нè контролира, но не залудно велат дека „љубовта е слепа“.
Популарната изрека не се однесува само на физички изглед – кога сме вљубени во некој, настојуваме да бидеме „слепи“ за неговите недостатоци, па дури и штетата што ни ја предизвикува.
Имајќи ја предвид ситуацијата со Канје и сопругата, британскиот психијатар Макс Пембертон, кој работи во National Health Service (NHS), споделува кои се знаците дека партнерот ве контролира.
„Низ годините, сум имал многу пациенти кои биле во врска со партнер кој ги контролира.
Ова е вид психолошко малтретирање каде што едниот партнер се однесува манипулативно во врската. Она што е чудно за останатите е тоа што жртвата честопати не е свесна за манипулацијата.
Сум седел пред пациентите (најчесто жени, но и мажите можат да бидат жртви) и сум им кажувал дека се контролирани, но тие негираат“, пишува психијатарот во колумна за Daily Mail.
Тој раскажува и за пациентка чиј партнер не ѝ дозволувал да си го гледа семејството, а не смеела ниту да си отвори банкарска смета.
Притоа, постојано ѝ го следел телефонот за да знае каде е.
И, таа не го гледала ова како контролирање. Имено, партнерот ја убедил дека го правел тоа за нејзино добро, бидејќи се грижел за нејзината безбедност.
„Манипулаторот честопати ја добива контролата на паметен начин – на почетокот е суптилно. Потоа, можеби ќе каже дека другиот партнер не раководи добро со финансиите, па подобро тој да ја преземе контролата.
Можеби, по караница со семејството, манипулаторот ќе го убеди другиот партнер да го прекине контактот, убедувајќи го дека семејството не го заслужува.
Некогаш контролата се случува толку постепено, што партнерот нема да забележи сè додека еден ден повеќе не може да се препознае“, пишува психијатарот.
Тој истакнува дека е можно да се избега од ваква врска, а првиот чекор е партнерот да стане свесен за контролата на другиот.
Психијатарот ги споделува и најочигледните знаци дека сте во врска со партнер кој ве контролира:
- Ве тера да се изолирате од семејството и пријателите.
- Постојано следи што правите.
- Презема контрола врз секој аспект од секојдневието – каде одите, со кого се гледате, што носите, па и кога можете да спиете.
- Не ви дозволува пристап до неопходни услуги, како медицинска нега.
- Постојано ве омаловажува, ви кажува дека сте безвредни.
- Ги контролира вашите пари.
- Ви се заканува или ве заплашува.
Доколку забележувате некој од овие знаци, разговарајте со личност на којашто ѝ верувате и побарајте помош.
Спирова С. | Црнобело