Боби е најстарото куче на сите времиња според Гинис – има 30 години, живее на фарма во Португалија
Боби е куче од Португалија кое влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстарото куче на сите времиња. Тој има цели 30 години, а неговите сопственици веруваат дека тајната за долговечноста е начинот на исхрана, но и тоа што живее на село.
Кучето Боби има 30 години и влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстарото куче. Боби не само што е најстарото куче кое е живо, туку е и најстарото куче кое било забележано досега.
За споредба, просечниот животен век на кучињата е помеѓу 10 и 13 години.
Боби е куче од расата Rafeiro do Alentejo која има животен век од околу 13 години. Роден е на 11-ти мај 1992 година и живее на фарма во село во Португалија.
Неговите сопственици веруваат дека причината за неговата долговечност е начинот на исхрана. Тие го хранат Боби со истата храна што ја јадат и тие, само нагласуваат дека за него не користат никакви зачини.
Истовремено, Боби минува многу време во природа, а и самата околина во којашто живее е мирна.
„Главниот“ сопственик на кучето е Леонел кој имал осум години кога се родил Боби. Па, тие практично пораснале заедно.
Боби во 1999 година
Леонел вели дека целиот живот Боби немал проблеми со здравјето, единствено се разболел во 2018 година, а тогаш се исплашиле дека ќе го изгубат.
Боби во 1999 година
„Сите овие години Боби е вистински борец и само тој знае како издржува. Веројатно не му е лесно бидејќи просечниот животен век на кучињата не е толку голем и ако можеше да зборува, само тој ќе можеше да ја објасни неговата долговечност.
Ние сме среќни и благодарни што и по 30 години, Боби сè уште е во нашите животи“, вели Леонел.
Леонел додава дека изминативе неколку години Боби не е многу активен и најголемиот дел од времето го минува во кревет. Покрај Боби, семејството на Леонел чува и четири мачки, а Боби сакал да се дружи и со нив.
Тој имал и проблеми со видот, но сепак бил во добра форма.
„Редовно го носиме на ветеринар и сите испитувања покажуваат дека се држи одлично за неговата возраст“, објаснува Леонел.
Пред Боби, титулата за најстаро куче на сите времиња му припаѓаше на кучето Блуи кое доживеа 29 години и 5 месеци, а беше родено во далечната 1910 година.
Спирова С. | Црнобело