Раси на кучиња кои можат да бидат погодни за луѓе со алергии
Секое куче може да предизвика симптоми на алергија, но постојат раси чие крзно не се митари многу, па се погодни ако имате алергија.
Луѓето кои страдаат од алергија на куче, обично се соочуваат со симптоми како кивање, кашлање, чешање на очите…
Кај некои луѓе се јавуваат и реакции на кожата, а кај оние кои имаат и астма, симптомите можат да бидат уште поизразени и сериозни.
Обично симптомите се јавуваат поради крзното на кучето, но многу почесто причината се клетките мртва кожа, урината и плунката.
Постојат раси на кучиња кои не се митарат многу, па можат да бидат погодни миленици за луѓето со алергии.
Важно е да знаете дека не постои потполно „хипоалергено“ куче, и секоја раса може да предизвика симптоми на алергија, а и секој човек да реагира различно на секое куче.
Но, ако имате послаби симптоми, можете да чувате некоја од следниве раси.
Секако, задолжително консултирајте се и со лекар пред да вдомите куче.
Раси кои можат да бидат погодни за луѓе со алергии:
Ши цу
Иако имаат бушаво и густо крзно, можете да ги потстрижувате ши-цу кучињата.
Обично не се митарат многу и крзното им паѓа само кога ги чешлате.
Пудла
Покрај тоа што не се митари многу, пудлата го нема специфичниот мирис на куче доколку внимавате на нејзината хигиена.
Лабрадудл
Овие кучиња се мешавина од лабрадор ретривер и пудла.
Покрај тоа што не се митарат многу, тие се и паметни.
Шкотски териер
И шкотскиот териер не се митари многу, но препорачливо е да му се чешла крзното и редовно да се потстрижува.
Бишон фризе
Ако редовно го потстрижувате кучето од расата бишон фризе, нема да се митари низ домот, и со тоа ќе го намалите ризикот од појава на алергиски симптоми.
Малтешки териер
Овие кучиња речиси и да не се митарат ако водите добра грижа за нив.
Само, имајте на ум дека ќе треба да ги бањате со шампон еднаш неделно и редовно да им го потстрижувате крзното.
Јоркширски териер
И овие кучиња бараат почесто бањање, но речиси и да не се митарат, па се погодни за луѓе со алергии.
Како да го намалите ризикот од развој на симптоми?
Ако имате алергии и чувате куче, може да земате предвид уште некои работи за да го намалите ризикот од појава на симптоми.
Совети кои би требало да ги следите:
- Ако ви препишале лекови, пијте ги како што ви кажал докторот.
- Редовно чистете го домот – почесто бришете прашина (која може да содржи мртви кожни клетки од кучето) и почесто метете го подот.
- Купете прочистувач за воздух.
- Не му дозволувајте на кучето да спие во вашата спална соба (колку и да сакате да спиете со него).
- Имајте барем една просторија во која кучето не смее да влегува, во случај да ви се јават симптоми.
- Дококлу имате поизразени симптоми на алергија, најдобро не вдомувајте куче.
Спирова С. | Црнобело