Однесувања со кои кучето ви кажува дека ве сака (а обично не ги забележувате)
Сака да се гали откако ќе се најаде и можеби најочигледниот знак – скока радосно кога ќе си дојдете дома.
Иако не можат да зборуваат, кучињата ја покажуваат наклонетоста на свој начин.
Некогаш тоа е со ситници во нивното однесување кои можеби не се многу очигледни, но се јасен знак дека го сакаат сопственикот.
Неколку однесувања со кои вашето куче ви покажува дека ве сака:
Ве гледа директно во очи
Кога кучето ве гледа во очи додека си играте или само го галите, во неговиот организам се ослободува окситоцин.
Ова е истиот хормон кој им помага на новите мајки да се поврзат со нивните новороденчиња.
Па, ако кучето има навика да ве гледа во очи, со тоа ви кажува дека ве сака.
Се проѕева исто кога и вие
Проѕевањето е заразно, и тоа не само за луѓето.
Како нас, и кучињата можат да се проѕевнат доколу гледаат во некој којшто се проѕева.
Но, поверојатно е да се проѕевнат ако го гледаат сопственикот кој го сакаат, отколку странец.
Се навалува на вас
Доста често, кога кучето ќе се навали на вас, всушност ви покажува наклонетост.
А, дури и ако се навалува на вас бидејќи е под стрес и слично, покажува дека ви верува и бара утеха и заштита кај вас.
Сака да се гали по јадење
Ако кучето има навика да се гали откако ќе се најаде, тоа може да биде цврст знак дека ве сака.
Инстинктивно, за кучињата, и животните воопшто, најважно е да најдат храна.
Па, штом кучето сака внимание од вас дури и откако го задоволило гладот, јасно е дека вие сте му исто важни како и храната.
Ги крева веѓите кога ве гледа
Можеби не колку луѓето, но и кучињата имаат изрази на лицето кои значат разни работи.
Во истражување спроведено во Јапонија, кога кучињата ги здогледувале своите сопственици, скоро секогаш ги кревале веѓите.
Но, не ги кревале ако гледале во личност која не ја знаат или која не им е блиска.