Среќно куче: Некогаш скитало по улици, а денес ужива покрај океан
Ова е интересна приказна за шпански пар кои како туристи биле во посета на Белград. Клаудиа и Матеус се двајца млади авантуристи кои со своето комбе патуваат низ светот. Така, стигнале и до Белград. Имаат посетено многу места, но Белград ќе им остане во посебно сеќавање.
Таму тие си добиле уште еден пријател, покрај многуте со кои се дружеле и забавувале.
Мало црно кученце – скитник, кое талкало по улиците, им се приближило и сакало да си игра со нивното куче кое си го носеле од Шпанија.
Како големи љубители на животните, не можеле да му одолеат и да го остават ова мало игриво кутре, кое едноставно ја освоило нивната љубов, умилкувајќи им се и играјќи си со нив цел ден.
Тоа било љубов на прв поглед, по што морале да смислат начин како да си го одведат во Шпанија и покрај тоа што таму имаат уште две други кучиња кои ги чекаат.
Но, од искрена љубов и пријателче плус, никогаш доста.
За времето кое им преостанувало немале можност да ја обезбедат целосната документација за легално да го пренесат преку граница. Им претстоела ризична одлука: дали да го остават ова мило кутре да скита и понатаму гладно по улиците на Белград или да го „киднапираат“ и да се обидат да го превезат преку граница.
Не размислувале долго. Љубовта била посилна. Така, го земале и тргнале на пат кон Шпанија. За среќа, кога стигнале на граница, кученцето спиело во задниот дел на багажникот, па Клаудиа и Матеус го пријавиле само кучето кое си го носеле од таму, за кое ги имале потребните документи, а полицијата не се ни посомневала дека во задниот дел на комбето имало уште едно куче.
Така успешно го однеле во својот дом и му дале име Белград, како спомен од градот кој им го збогатил животот со ново пријателче кое сега, после скитничкиот живот ужива на шпанските плажи и се капе во океан.