Емотивна исповед на жртва на булинг во Велес: „Имам трауми и на 35 години“

На првиот училишен ден од првото одделение, се сеќавам како мајка ми ме прегрна и полна надеж, ми рече: „Сè ќе биде во ред!“... А на последниот ден од пеколот гимназиски исто ме прегрна и со уште поголема надеж и радост ми рече: „Заврши! Сега сè ќе биде во ред!“ 

emotivna-ispoved-na-zhrtva-na-buling-vo-veles-imam-traumi-i-na-35-godini-01.jpg

Уште една нова учебна година и уште подлабоко вкоренета јавната тајна: врсничко насилство - булинг.

Повторно се чувствувам лично засегнат да напишам нешто за оваа грозотија. Најмногу затоа што на своја кожа имам почувствувано врсничко насилство поради грст причини, а најмногу поради тогашната моја говорна мана (најмногу во текот на средното образование).

Неинтелигенцијата на оние кои се поставуваа како најинтелигентни соученици мои, беше срушена од нивната злокобна намера, потреба и желба да бидат насилници. 

Секој почеток (посебно секој почеток на нова учебна година) треба да е исполнет со надеж, радост, среќа и задоволство. И за дел од децата е така.

Но, за останатиот дел тоа е период на страв, несигурност, болка и кошмари. Овој системски проблем, како што вели дефиницијата, не е еднократен проблем или минорна расправија. Но, континуирано дело кое создава трауми цел живот, и те обележува и кога имаш 35 години.

Жал ми е за сите кои биле, се или ќе бидат злоставувани на овој начин. Жал ми е за сите кои ги, и ќе ги носат таквите лузни.

Жал ми е и за сите родители кои сигурно немале и немаат доволно капацитет и љубов соодветно да ги воспитаат своите деца кои постанале насилници.

Впрочем, жален е и фактот што децата се одраз на своите родители, а тоа кажува многу. Жалосно што ова се провлекува низ целиот свет, постојано. 

Менталното здравје кај секое дете е кршливо како тенко стакло; и е толку лесно подложно на секој вид сила, закана, злоупотреба, заплашување или агресивно доминирање.

А токму врсничкото насилство ги содржи сите горенаведени злокобни глаголи.

Врсничкото насилство понекогаш е вербално, понекогаш социјално, а понекогаш физичко.

За жал многу деца ги чувствуваат сите три вида, и за жал многу деца молчат за тоа. А причините за молчење се многу: страв, исмевање, казнување...

Дури и со оваа новонастаната ситуација со пандемијата, односно периоди на образование без физичко присуство на училиште дава поттик на најновата форма на насилство: сајбербулингот. Која исто така може да нанесе огромна штета кај секое дете. Борба на секој фронт, се чини.

Подигнувањето на свеста е круцијална еволуција на изнаоѓање решение на проблемот; неминовен чекор за да се подобри ситуацијата.

Треба сите да се со четири очи широко отворени. И родителите, и наставниците, и професорите и сите деца и млади. И секое вакво насилство треба да се пријави и секој треба соодветно да одговара. И да биде казнет. 

Затоа итно треба да бидат преземени мерки кои ќе ги заштитат послабите, а ќе ги рехабилитираат насилниците.

За една поздрава иднина, младина и генерација. За едно здраво и прекрасно време; за една светла иднина. 

Камоли во 2003 и 2004 да имав вакви канали за подигнување на свеста и пријавување/обелоденување на насилството... книги ќе можев да напишам, и јас, и други (и тие години драго, и со насмевка на лице, би ги избришал од мојот живот).

Останува со тебе тоа, и уште слушаш навечер како некој ти посакува смрт, се сеќаваш како некој те малтретирал и физички и психички; те променува од корен. Жално за многуте. Жално и душепогубно. 

Жално е што ваквиот вид на насилство не е присутно само помеѓу врсниците; но и од наставници / професори кон ученици / студенти (и обратно); измеѓу колеги, роднини, работодавци и вработени (и обратно, секако).

Битисуваме во свет полн омраза, каде сега толку е лесно да се мрази, а тешко е да се љуби, и уште потешко да се прости. 

Сите родители (и посебно драгите мои велешани): воспитувајте си ги децата, соодветно, чувајте ги, пазете ги.

Да не остане на крај онаа вистина... да не бидат на крај малтретирани децата на насилниците, па родителот насилник да почувствува на своја кожа болка трипати поголема.

Таков е тој магичен круг на животот. Не го посакувам тоа никому, но не сум јас тој кој одлучува. 

На првиот училишен ден од првото одделение, се сеќавам како мајка ми ме прегрна и полна надеж, ми рече: „Сè ќе биде во ред!“ А на последниот ден од пеколот гимназиски исто ме прегрна и со уште поголема надеж и радост ми рече: „Заврши! Сега сè ќе биде во ред!“ 

И беше, и уште е. Повеќе од тоа. Совршено е сега.

Автор: Кирил Ангелов 

Доколку и вие сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg