Малите ангели на патиштата - до кога ќе ги губиме?

Наеднаш, во една секунда, се слуша пискот на гуми. Удар. Тишина. Последното нешто што го слушаш е „бааам“. А дома, мајка ти чека. Си го чека детето кое не знае дека веќе го нема. На пет минути ќе погледнува на часовникот, ќе си помисли: „Си се задржала со другарките“. И наеднаш, телефонот ѕвони...

malite-angeli-na-patishtata-do-koga-kje-gi-gubime-01.jpg

Утро. Се будиш со сонцето кое тивко ги милува прозорците и кое ти го гали лицето како никогаш досега. Стануваш, се подготвуваш.

Мајка ти те вика на појадок, но ти набрзина земаш нешто од масата и излегуваш со зборовите „Ќе се вратам брзо“. Но, нема да се вратиш веќе никогаш.

Излегуваш среќна, насмеана и си велиш: денес е нов ден, нови можности. Денес ќе го остварам сонот за кој толку многу се борев, денес ќе ја добијам работата која толку многу ја посакувам, денес после толку време ќе се видам со најдобрата другарка.

Истовремено, едвај чекаш да се вратиш дома и да ѝ го раскажеш денот на мајка ти.

Но, не знаеш дека патот по кој секојдневно одиш носи судбина која не можеш да ја избегнеш.

Шетајќи се низ улиците по кои секој ден безгрижно поминуваш, со соништа, амбиции, желби и со верба во себе дека можеш да постигнеш сè што ќе замислиш, ти не знаеш дека во тој момент некој, некаде, вози пребрзо.

malite-angeli-na-patishtata-do-koga-kje-gi-gubime-02.jpg

Никој не гледа, не запира, не мисли. Наеднаш, во една секунда, се слуша пискот на гуми. Удар. Тишина. Последното нешто што го слушаш е „бааам“.

Ташната која ти ја подари сестра ти, летнува настрана, лебди неколку секунди во воздухот, а потоа паѓа на асфалтот. Неколку листови паѓаат, а на еден од нив го пишува твоето име. А тебе веќе те нема.

А дома, мајка ти чека. Си го чека детето кое не знае дека веќе го нема.

На пет минути ќе погледнува на часовникот, ќе си помисли: „Си се задржала со другарките“.

Ќе се смее на некоја шега што татко ти ја кажал, а во исто време ти го спрема омиленото јадење, не знаејќи дека тоа јадење нема да го пробаш...

И наеднаш, телефонот ѕвони. Слушалката ја крева, мислејќи дека си ти, без никаква грижа. Човекот од другата страна вели: „Вашето дете почина“.

Наеднаш... тишина. Телефонот паѓа на земја, не верувајќи. Ќе излета од дома, ќе трча, ќе се моли дека е грешка, дека ќе те види како стоиш таму, насмеана, како секој ден.

Но, нема. Наместо тоа, ќе го види твоето безживотно тело, твоите обувки во прашина, твоите раце кои веќе никогаш нема да ја прегрнат. Ќе крикне, ќе падне на колена, ќе го извикува твоето име, но ти нема да одговориш...

malite-angeli-na-patishtata-do-koga-kje-gi-gubime-03.jpg

Часовите минуваат како години. Болката расте, гневот расте, но единственото нешто што преостанува е да се потпреш на правдата.

Но каква правда бараме во место каде право на сè имаат само деца на функционери? Од кого бараме правда кога од устата на виновните излегуваат зборовите: „Знаеш чив син сум?“, без да имаат каква било совест за одземените животи на невини луѓе?

И не, не се виновни само тие. Виновни сме сите ние кои молчиме. Сите ние како општество имаме удел во овие убиства, бидејќи молчиме. Молчиме и гледаме од страна.

Креваме врева неколку дена, а потоа сè се заташкува, како никогаш да не се случило. Зарем нашите животи и животите кои останаа на тие проклети улици, треба да ги оставиме во раце на „правдата“? Правда нема, додека ние не се освестиме.

Уште колку животи треба да згаснат на улиците? Уште колку мајки треба да бидат завиени во црно, со празнина во себе заради изгубеното дете? Уште колку виновници треба да шетаат безгрижно низ улиците? Уште колку време ни треба за да се освестиме како општество?

Автор: Ана.К.

Фото: CRNOBELO.com - генерирано со AI

Доколку сакате и вие да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg