Колумна: Зошто младите ни избегаа?
Еден период работев во земјоделска аптека. Повеќето од потрошувачите беа селани. Чудно, но јас посреќни луѓе не бев видела ни до тогаш ни до денес.
Претходно работев за многу повисока плата, но немав мир. Овде, во земјоделската аптека си го купив мирот за десет илјади денари. И некако живнав. Потешко беше, ама живнав.
Еден ден во аптеката влегоа снаа и свекрва. Среќни, насмеани, едноставни женички. Убави и без неколку заба во устите. Си разврзавме муабет. Епа јас уживам кога ќе видам среќни луѓе и веднаш почнувам да се распрашувам за нивниот живот на село.
- Јас работам во текстилна фабрика и земам 8.000 плата, имаме три деца, а маж ми работи како мајстор и е одлично платен!
- 15,000 денари! - рече снаата.
Јас подзинав. (Ова е околу 2011 година). И тогаш таа плата ми изгледаше мала. Арно ама луѓето имале земја, па си одгледувале од сè по нешто. Имале и кокошки, две козички и три прасиња.
Љубовта помеѓу снаата и свекрвата беше очигледна. Односот им беше толку непосреден што дури и се шегуваа една со друга како две палави тинејџерки.
Едноставно се гледаше дека не се парите или имотот тоа што ги прави среќни туку опуштениот однос, љубовта и сето тоа „без фаќање кусур“ или што би се рекло со егото во ѓубре.
Често гледав едно дете кое немаше повеќе од 10-12 години како разнесува турски чај или кафиња по околните дуќани. Вредно - чигра!
Подоцна дознав дека и работи на нива барабар со неговите!
За разлика од нашиве кои ни викаат „Еј, ај донеси ми чаша вода или дај пари“, кај него се знаеше и почитуваше хиерархија.
Се знаеше што е да си вреден, одговорен, почитување, авторитети, па и војник (ако затреба)!
Во една прилика во аптеката ми влезе постара женичка И МИ ГО НАПРАВИ ДЕНОТ! (Како што и претходно реков штом видам среќен едноставен човек веднаш ме копка во што е тајната, а потоа си мечтаам и уживам во нивната среќа!)
- Двете ќерки ни се докторки и ни викаат: Мамо, тато, доста работите! Имаме ние пари! Вие само уживајте во староста!
Ха ха па они не знаат изгледа, уште не им е јасно дека сè правиме од љубов!
Јас ако не копнам нешто во бавча, ако не боцнам некој зарзават па не сум жива! Цвеќиња, цвеќиња ми е цел балкон!
Тоа ме спаси и да не полудам во климаксот! Ќе се зафатев со градината и ем воздух, ем физичка работа.
Со маж ми задолжително купуваме едно теле, една свиња и си имаме за цела година!
Дај ми сега некое добро буре! Купивме грозје ќе правиме вино и ракија!
- Си правите сами?
- Ау не си правиме само за ќерките! И си пиеме! Ќе си насечкам сланинче, ќе си ставам сиренце. На тераса двајцата, винцето и си уживаме!
- Бреј Французи низаедни! - се смеам.
- И месо си пушиме!
- Ааа не! Тоа е канцерогено! - лупнав јас, која и пушам и кркам чоколади.
- Ама ние имаме сосема природен метод (и тука ми го објасни целиот метод).
- А ајвар? Или веќе не правите?
- Правиме и за тоа ни викаат: Мамо, тато, кога ќе ни се пријаде ќе си купиме, сега ги има и оригинал домашни, не се мачете! Ех, кое мачење, не знаат они кога ќе се собереме со комшиите!
- Друштвена игра, а? Салатите, ракиите, зафрканции? - се смеам.
- И да знаеш! - Не ни приметувам дека работам!
- Баш ми е мило кога слушам вака среќни и вљубени на 70! - реков.
- И да знаеш дека сме! Сè со полека, едниот ќе поќути кога е другиот нервозен, а какви проблеми сме имале како млади, со свекрва, роднини, ама ете, остана љубовта, останавме ние да си се крепиме…
Од „маслосана капа ручек ќе направиш“ викаше баба ми. И додека блебетавме со среќната, весела тетка, влета мојот постојан муштерија (за кого до тогаш мислев дека има околу 55-6 години) згоден, со проседа коса, со убава насмевка и врцкаво-прониклив поглед.
Кога останавме сами (без да го предизвикам, после година дена доаѓање) ми рече:
- Ех да бев помлад ќе те земев за жена!
А мене многу ме копкаше колку години има, а и онака, баш беше харизматичен и витален, па не издржав да го прашам:
- Помлад? Па колку години имате? (веројатно најглупавото прашање што ми излета.)
- Јас, млада дамо, имам 70 години! - рече со лежерна насмевка и ми ја извади личната карта.
Подзинав и нормално, почнав да тресам уште повеќе глупости:
- Вие?! Вие имате 70! Не ми се верува - бев најискрена.
- Еее ама не сум седнал од работа. Бев директор на Х (ја кажа фирмата и дека живее во центарот на градот, дека има доволно пари да лежи и ужива), ама нема шанси да престанам да работам до 80! Па, ни тогаш! Мислам дека тогаш кога ќе престанам би умрел веднаш. После уште неколку културни реченици, грабна како да е пердув или обичен партал вреќа со ѓубриво од 25 килограми, ја стави на својот мотор и одлета целиот силен, убав, згоден и полетен накај своите овоштарници.
Пет минути после него, пред аптеката се паркира скап џип. Од него излезе момче на свои 25, максимум 30 години.
Плати за иста таква вреќа ѓубриво. (моја претпоставка е дека му правеше услуга на својот татко). Ставот му беше арогантен и тотално спротивен од срдечниот настап на претходниот муштерија.
Ја погледна вреќата и одеднаш доби израз на лигаво куче кое моли за својата коска па рече покорно:
- Можеш да ми помогнеш да ја однесеме вреќата?
- Како да не, со гадење реков, ја грабнав скроз сама и му ја натоварив во џипот додека тој среќен ја држеше подигната вратата од багажникот.
(И овој утре ќе биде нечиј маж - си помислив! Одеднаш „дедото“ од 70 ми се виде како најзгодниот фраер, а згодниов фраер како најмизерен.
Па се прашувам: Дали сме ние невработени или само мрзливи во оваа држава?
П.С. Интересен е феноменот што тие незадоволните ќе рибаат туѓи тоалети во Германија и ќе работат од 9 до 17 не можејќи да си ја видат својата фамилија, а овде од 7 до 15 или од 8 до 16 ќе имаат време за сè, а посебно да си го зачуваат семејството!
Ако не му е јасно на некој, работното време сменето од 7 до 15 на од 9 до 17,18 па и подолго е СПЕЦИЈАЛНО направено за растурање на семејството!
Кога моите ќе се вратеа од работа во 3, се имаше време и за заеднички ручек и разговор, и за попладневен одмор и за прошетка низ градот, и за гости и дружење со пријатели.
Ете, ме фати „конзервата“, минатите вредности, желбата за нормален живот, а не живот во грч и скокање на една нога.
Каде што царува љубовта сѐ се може со лесно.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Текстот ни го испрати: Лидија Ѓорѓевиќ