Одбивам да ме исполнува погодена нијанса на омбре и селфи во теретана. Одбирам да живеам со полна пареа

Во свет чија земја е газена од 7 милијарди луѓе, половина од нив сонуваат за стекнување слава или поседување на материјални работи за кои понекогаш е неопходно задолжување во банка. Низа од зборови, а сепак толку малку кажано, нели?

odbivam-da-bidam-devojkata-chie-zhivotno-dostignuvanje-e-pogodenata-nijansa-na-ombre-odbiram-da-zhiveam-so-polna-parea-01.jpg

Мојата визија не е нималку обична. Таа започнува со желбата да бидам човекот кој нема да го гледа животот само од призма на една обична авантура, туку како табула раса создадена во мене од самиот чин на раѓање на која ќе ѝ биде вдахнато значење со секое ново искуство.

Одбивам да бидам девојката чие животно достигнување е погодената нијанса на омбре или совршено направеното селфи во вежбална.

Одбивам да бидам едноставна, монотона личност чиј извор на среќа зависи од парите на мама и тато, платата која ќе ја добивам на крајот од месецот или пак од луѓето кои ќе ме опкружуваат во моето секојдневие.

Не сакам да бидам личноста која нема доволно храброст да застане сама против сите. Бидејќи одбивам да чекорам по тој пат. Не сакам само да постојат.

Одбирам да живеам. Да живеам со полна пареа. Одбирам да бидам личноста која ќе ја врати барем малку вербата на луѓето во правдата, бранејќи ги на суд.

Одбирам да бидам стара душа заглавена во векот на технологијата, која ќе ја впива мелодијата од бината со целo срце во толпата од луѓе со ајфони во рацете.

Личноста која ќе се чувствува удобно седејќи сама со себе во Старбакс. Човекот кој не се срами да храни улични животни кои очајно имаат потреба од љубов.

Додека толку многу луѓе носат доза на песимизам во себе, јас сакам да бидам онаа која верува во првите сончеви зраци после бурата.

Кога толку многу луѓе ја загубиле надежта за вистинска љубов, зошто јас да не бидам онаа која сѐ уште ја има способноста да ја види останатата трошка вредност во очите на непознатиот странец?

Додека другите се освежуваат пиејќи вода од пластични шишиња кои неретко завршуваат врз тревата по парковите, јас сакам да бидам таа која пие од стаклено шише.

Додека толку многу млади луѓе се срамат да го минуваат времето со своите стари родители, јас сакам да бидам таа која оди на одмор со моите родители.

Сакам да сум девојката која попрво би се согласила да го мине остатокот од вечерта во пријатна домашна атмосфера, отколку да бидам девојката која ќе лази по подиумот на дискотото во петок навечер.

Посакувам да бидам човекот кој ќе станува во 6 наутро само за магијата на изгрејсонцето. Да ги разлистувам старите албуми со излитени корици, навраќајќи се во заборавот на минатото, слушајќи музика од шеесеттите.

Да се преобразам во девојката чија внатрешна карактерна длабочина ја спречува да ја става својата уникатност на иста маса со останатите.

За жал, живееме во ера во која огромен број на луѓе го потценуваат пишаниот збор. Сакам да сум типот на човек кој ќе минува часови во антикварницата восхитувајќи се на мирисот и посебноста на книгите.

На 8-ми март не чекам роза од моето момче, татко или писмо од таен обожавател. На 14-ти февруари не чекам да бидам однесена на луксузна вечера на врвот од некоја зграда. Затоа што ја поседувам способноста да се изборам за сопствените права и среќа.

Во добата на раната зрелост, сѐ уште го негувам детскиот дух одејќи во маркет и прскајќи се со тестерите. Социјалните мрежи полека, но сигурно постанаа лични дневници на поединци. Јас сепак го негувам и преферирам рачното пишување во мојот вистински, хартиен дневник.

И да, свесна сум колку сево ова звучи клише и глупаво. Знам во какво општество живеам. Нема да бидам изненадена доколку добијам само една обична насмевка која упатува на сарказам. Тоа е во ред.

Не очекувам сите да ме разберат, ниту пак сакам сите да ме разберат. Меѓутоа знам дека постојат и ќе постојат неколку такви личности во мојот живот кои во целост ќе ја разберат личноста која се крие во мене и никогаш нема да ја заборават истата.

Дури и ако животот одлучи да ги раздели нашите патишта, убедена сум дека секогаш ќе ги евоцирам старите спомени, проследени со онаа добро позната носталгија.

Цврсто верувам во тоа дека сложувалката не би била сложувалка доколку не се спојат сите делови, па и оние најмалите. Дури тогаш сложувалката е целосна. 

Така е и со животот. Малите работи кои навидум изгледаат безначајно, кога ќе се спојат ја даваат вистинската причина на нашето егзистирање.

За крај, јас сум девојката која посакува на 60 години, по напорниот, бурен ден повторно да се стутка во својата фотелја, покрај каминот и своите внуци, раскажувајќи им за жената која некогаш бев.

Младата дама со својата необична визија.

Автор: А. Д.

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

 

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg