Анксиозноста не е сопствен избор, таа е секојдневна борба
Твоите усни се мрдаат, но таа не може да те слушне. Единствениот звук кој одекнува е нејзиното срцебиење. Премногу е гласно. Воздухот станува густ, почнува да се гуши. Помогни ѝ!
Зарем не гледаш две дланки околу нејзиниот кревок врат, ја стегаат, ѝ го одземаат воздухот.
Гледаш напразно во неа. Таа пробува да стане, но нејзините колена треперат, не може да се помрдне небаре окови ги опфатиле нејзините глуждови.
Ѝ велиш: опушти се. Но, таа сака да вресне, се обидува но, залудно. Нем плач. Не ги гледаш нејзините рани. Невидливи рани кои болат, жежат. Не разбираш..
Но, јас разбирам. Знам како е да бидеш сам помеѓу стотици. Знам како е кога викаш на цел глас, а никој не те слуша, како се смееш, а душата ти плаче.
Знам како е да тонеш во темна бескрајна длабочина, бездна. Верувај знам. Тука сум и јас. Не ме гледаш, сигурно ти е премногу темно. Те разбирам, но тука сум јас, не си сама. И не сме само ние две.
Анксиозноста не е сопствен избор, таа е секојдневна борба. Подај ми рака, во оваа битка не се оди сам.
Ќе ги искачиме највисоките планини и ќе ги препливаме најдлабоките мориња. Ќе паѓаме понекогаш, најверојатно многу почесто, но пак ќе застанеме на нозе.
Не слушај ги другите кои велат дека си слаба. Не си слаба, не сум ни јас. Да сме слаби не би биле овде. Напротив, ние сме силни и не дозволувај никој да ти го противречи тоа.
Секој ден е предизвик за нас, и сè уште сме тука зар не?
Те разбирам, не си сама. Само подај ми рака.
Анксиозноста и паничното растројство не се за потценување. Менталното здравје е подеднакво важно како и физичкото.
Автор: Ана Патриклиева
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!