Писмо од баба: Никогаш не се откажувај од љубовта
Баба ми почина пред 6 години, но никогаш не ја заборавив. Неодамна влегов во нејзината соба затоа што многу ми недостигаше.
Уште како мала сакав да чепкам по нејзините работи, решив и тогаш да се потсетам на старите денови поминати со неа.
Во фиоките кој стоеја до нејзиниот кревет стоеја писмата што ѝ ги испраќал дедо ми.
Сакав повторно да ги прочитам по веќе не знам кој пат. Кога ја отворив фиоката врз старите писма имаше едно писмо на кое пишуваше: „За мојата единствена внука“.
Знаев дека писмото беше за мене, го отворив и почнав да го читам:
„Најсакана моја, знам дека не сакаш да чепкаш по моите работи кога не сум јас до тебе, но верувам дека еден ден ќе сакаш да се потсетиш на мене и ќе влезеш во оваа соба и ќе го најдеш ова писмо.
Знаев дека нема да бидам покрај тебе кога ќе станеш голема, убава и веќе зрела девојка. Aко ти кажев некои работи додека беше малечка, знам, немаше да ме сфатиш што сакам да ти кажам.
Јас, твојата баба секогаш ти ги давав најдобрите совети, но беше премногу мала за ова да ти го кажам.
Ете гледаш, и ти порасна...
кога беше мала секогаш ми велеше дека сакаш да пораснеш. Тогаш имаше симпатии од маалото, сега веќе знаеш вистински да сакаш.
Баба се плаши за тебе, премногу си ранлива, но ова никогаш немој да го заборавиш, во животот ќе те повредат и ти ќе повредиш, но никогаш немој да се откажеш од љубовта најмила моја.
Знам ќе имаш моменти кога ќе посакаш да се откажеш од сè, но немој, никогаш не се откажувај, а јас ќе те гледам и ќе се гордеам со тебе.
Биди силна и никогаш немој да подадеш слабост кон тој што те повредил, исто како кога не плачеше пред симпатиите кога ќе си го повредеше коленото, иако сакаше да плачеш на цел глас.
Верувај ќе ја најдеш еден ден љубовта на твојот живот, само биди трпелива, исто како што беше кога го чекаше твоето омилено јадење да биде готово.
И немој сега да плачеш додека го читаш писмото, знам ти недостигам, но биди сигурна дека секогаш сум со тебе.
Ти си умна девојка и после ова писмо ќе станеш уште посилна.
Немој да ме заборавиш.“
Те сака твојата Баба.
Автор: С. Сара
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!