Успешната кариера е добра работа, ама нема да те прегрне навечер кога ти е студено

Ќе станеш наутро, едвај со 6 часа спиење, со подзамижани очи ќе го облечеш првото што ќе ти се најде и ќе излеташ набрзина низ вратата. Задолжително ќе трчаш за да стигнеш навреме, а дури на огледалото од лифтот ќе се сетиш малку да си ја поднаместиш косата и да ставиш кармин.

uspeshnata-kariera-e-dobra-rabota-ama-nema-da-te-pregrne-navecer-koga-ti-e-studeno-001.jpg

Секако нема да знаеш кој ден е, ќе заборавиш нечиј роденден, ќе заборавиш многу важни датуми за тебе. Понекогаш денот ќе помине, ќе заборавиш да им се јавиш на најблиските, ќе заборавиш да јадеш навреме.

Ќе почнеш да стануваш неодговорна за сè друго во животот, освен за она што го работиш. Ќе ги запоставиш редовните лекарски контроли, ќе се надеваш дека болката во половината сама од себе ќе помине, ќе се молиш диоптерот да не ти станал дупло поголем, а кашлицата да е само една обична настинка.

Често ќе си деконцентрирана, под стрес и видно отсутна дури и тогаш кога немаш никакви обврски, освен онаа да се опуштиш и да се посветиш на уживање.

Ќе се убедуваш самата себе дека не си кариерист. Ќе си велиш само дека си амбициозна. Дека имаш соништа и цели во животот. Ќе си повторуваш дека се трудиш за подобро утре.

Тука ќе згрешиш. Ќе згрешиш ако со премногу залет кон иднината, заборавиш на сегашноста.

Ќе згрешиш ако постојано живееш за некое „утре“ кое со години не доаѓа затоа што постојано си презафатена денес.

Ќе се изгубиш на половина пат на твојата дестинација. Ако по патот рушиш сè што во меѓувреме ти дава животот, до целта ќе стигнеш толку изморена и осамена, што веќе речиси и ништо нема да ти значи.

Патот кон успехот не е воопшто лесен, туку е тежок и трнлив, но никој не рекол дека мора да биде мрачен. Никој не рекол дека треба да убие сè што претходно било дел од тебе и да остави неизмерна празнина.

Празнината ќе ти ги јаде соништата, мислам на оние емотивните соништа.

Ќе се лишуваш од многу задоволства што на еден нормален човек му се потребни за среќа.

Среќата нема да дојде ако ја храниш единствено со гордоста и титулите кои си ги постигнал.

Среќата ќе е овде тогаш кога ќе има нив со кого да ја споделиш.

Среќата ќе ја имаш кога навечер ќе се вратиш дома и ќе има кој да ти се радува и на кој да му се радуваш.

Кога нема залетано да трчаш нив животот, туку со полни гради ќе ги вдишуваш убавините на секој нареден чекор.

Кариерата и чувствата всушност одат по ист пат, само со различни погледи. Ти треба да си дозволиш да гледаш и на двете страни по малку.

Да си ги отвориш и умот и срцето истовремено и да им направиш компромис. Да ги храниш доволно и подеднакво и двете за да и тие го хранат твоето битие.

Успешната кариера е многу убаво нешто, ама нема да те прегрне навечер кога ти е студено.

Навечер кога ќе ми застуди, ќе си се сетам на ова што некаде сум го прочитала. Ќе го земам телефонот и ќе завртам да слушнам нечиј мил глас.

Или ќе најдам време да испијам едно кафе со добар муабет и уште подобро друштво.

Или ќе се качам во првиот автобус и ќе отидам во неговата прегратка по малку топлина.

Автор: Луна М. 

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg