Дојде денот кога предметите почнаа да се сакаат, а луѓето да се користат

Зошто многу луѓе го мразат дождот, зошто многу луѓе се мразат меѓу себе, нивните блиски па и самите себе си?

dojde-denot-koga-predmetite-pocnaa-da-se-sakaat-a-lugjeto-da-se-koristat-01.jpg

Уште како мала ја имав таа замисла во глава како и по филмовите и по книгите за среќниот крај кога добрината секогаш го надминува лошото, но искрено кажано, барем во ова општество во кое се наоѓам, ретко се среќавам со добри луѓе, а уште поретко со добро направени дела.

Каде згрешив со моето размислување,  уште повеќе со мојата наивност?

Секојдневно ги гледам лицемерието и лукавоста, сè повеќе се соочувам со грубоста којашто животот ни ја дава низ сè помалиот век кој го живееме и сè повеќе ги избегнувам луѓето што го мразат дождот, затоа што јас уживам во него.

Како да ми ја прочистува душата од цела таа лошотија што ме обиколува и од луѓето што постепено сакаат да ти го наметнат мислењето за идеализмот и концептот на животот по некое пишано правило кое веќе многу од нив го прифатиле.

Се извинувам , но секогаш сум размислувала „надвор од кутијата“ и ќе продолжам така.

Светот стана место во кој никој не е задоволен од своите цели, неисполнети желби, изглед, став во општеството, постојано споредувајќи се на секој нареден што е подобар или поуспешен од него.

Тоа е првиот чекор, љубомората, која ја засадува дамката на злобата во човекот. Кога веќе еднаш ќе завладее љубомората, на ред доаѓа лукавоста, па неискреноста, користољубивоста,  па сите најлоши особини...

За на крај тој човек да постане оној кој го мрази дождот и кој во себе насобрал доволно голема нечистотија одбивајќи да ја извади од корен,  тешко закоравена во неговата душа со што го прави полош и нечовечен.

Но, зарем не треба да се навикнеме на спротивностите кои животот ќе ни ги даде, како топло-ладно, сонце-дожд, среќа-тага, љубов-гнев...

Како инаку би го ценеле едното од нив ако не сме го искусиле другото?

Но, луѓето ретко го разбираат тоа и се трудат да одат по она што е идеално, тоа што е стандард дека е најубаво и најдобро, продолжуваат да бидат манипулирани од едно лажно општество кое ја носи маската на совршенство веќе долг период. 

Комерцијалната маска што нè тера да гледаме она што тие сакаат да ни го покажат и да веруваме дека убавината се наоѓа во поединечни работи, но не и во спротивните од нив.

Само кога луѓето би разбрале дека убавината е релативна работа, дека тоа што е убаво за некого за друг е грдо и дека доколку нема спротивности би немало ни избор.  Како што е за мене дождот....

Продолжив да чекорам спокојно додека телото ги впиваше капките дожд, како да сакам да ја избришам таа мисла од мене заедно со луѓето полни со црна душа, таа црна дамка во нивната душа што не дозволуваат да ја измијат за да станат подобри и подостојни личности.

Или можеби се научиле да живеат во суровост и да се адаптираат на неа, веќе стануваат калапи излиени од стандардите на 21-от век .

Дали веќе почнувам да размислувам како и нив штом веќе ги оправдувам?

Ме мачи оваа замисла.

Дојде денот кога почнаа предметите да се сакаат, а луѓето да се користат.

Се прашувам кога последен пат важела обратната логика на тоа...

Не сакам да станам како нив, иако сум борец и како и сите други. Сакам да го искачам патот на успехот самостојно и праведно. Не сум таков човек што ќе го сопне тој пред мене за да се искачам едно ниво повисоко.

Но, по патот нагоре има многу луѓе што ќе се обидат да го направат тоа, штета најголема, тоа се сепак луѓе што се многу близу до тебе ти ги познаваш или барем мислиш дека си ги познавал.

Секој ќе се соочи, кога тогаш, со оваа реалност, дека светот е далеку од совршен, а патеката на животот сè потешка за изминување.

Штета или среќа што јас ја дознав прерано не знам ни самата, но знам дека и утре и секоја наредна прилика ќе уживам да чекорам по дождот без разлика колку и да е ладен и силен секогаш ќе го ценам подеднакво како и сонцето.

Спротивностите го направиле светот малку поубаво место за живеење , но не и луѓето. 

Автор: Х.ина

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg