Виновна сум што сум се родила и што не ме поднесува никој во семејството
Најголемиот „подарок“ од моите родители што сум го добила е една голема празнина на срце, што ќе си ја носам во гроб.
Благодарна сум им што не ме оставија без покрив на глава, постела, храна и пари...
Ама низ целиот тој луксуз, сè што барав беше барем малку љубов.
Посакував, барем еднаш од нив да добијам искрена и топла прегратка, бакнеж за добра ноќ, да ми кажат дека се горди на мене, да ме научеа дека сум убава таква каква што сум.
Барем еднаш да ме поддржеа во тоа што го правам. Барем еднаш, да веруваа во мене.
Кога едно мало дете ќе отиде кај некое пријателче и кога ќе види како се однесуваат неговите родители, тоа боли. Боли и се прашуваш, каде згрешив за моите родители да не бидат такви?
Зошто другите родители со убави зборови ги нарекуваат своите деца, а јас добивам само навредливи? Зошто другите родители им ги бришат солзите на другите деца, а на мене тие ми ги предизвикуваат?
Сè уште боли… Сè уште ме боде секој нивен збор и секоја навреда како да сум само едно невредно суштество, а не нивна ќерка.
Морав да созреам на уште шест години. Тогаш добив сестра. Тоа ми беше единствена надеж дека ќе ја исполнам празнината. Но, тоа не се случи.
Како постара сестра, не сакав мојата помала сестра да помине низ ништо што јас поминав. Затоа, секогаш кога ќе наидеше стрела, јас стоев пред неа. А, таа ништо од тоа не виде.
Станав ладна. Нервозна. Немав трпение за ништо. И бев лоша сестра. Лоша сестра, затоа што ја заштитив од сите удари, не дозволив да се здобие со ниска слика за себе, ниска самодоверба и несамостојност какви што имав јас, благодарение на нашите родители.
Ја заштитив од сè што можеше да ѝ влијае лошо. А, денеска, јас добивам дупли удари. За секој проблем дознавам прва и не дозволувам да допре до неа.
Јас сум лоша сестра, затоа што не можев да си играм со неа. Затоа што јас ги оставив сите играчки денот кога таа се роди, затоа што се очекуваше од мене на шест години да созреам.
Затоа што ми го украдоа детството. Затоа што моите родите го убија креативното и весело дете во мене.
Затоа што сакав да цртам, да научам да свирам инструмент, да си играм како и секое дете, имав големи планови и амбиции, затоа сум лоша ќерка и лоша сестра.
И по многу, многу години, моите родители сакаат да се зближат со мене?
Како? Како кога паметам се? Како кога, сè уште се исти?
А, се обидов… Им дадов уште една шанса да се зближиме. Никој од нас не издржа. Сите изгубивме волја.
Само се молам на секој Бог што го знам, да не ја уништат сестра ми како што ме уништија мене.
Кога веќе вината се наоѓа само во мене, ја прифаќам.
Виновна сум, виновна сум што сум се родила и што не ме поднесува никој во семејството.
Виновна сум што можев да бидам прекрасна личност, ама ме уништија родителите.
Виновна сум, затоа што дозволив да ми ја украдат безгрижноста на детството.
Автор: Црн Вандал
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!