Насмевни се, ја доби војната!
Мораш да се научиш да пуштиш чекор со времето. Да соработуваш со него. Да му поверуваш дека она што ти го донело во моментот е најдоброто што го има на понуда за тебе.
Тоа не значи да го заборавиш минатото. Не, воопшто. Треба да сум луда за да ти посоветувам такво нешто.
Само знаеш како, треба да направиш разлика меѓу минато и сегашно. Сè си има рок на траење, не пробувај да ми пркосиш за ова. Сум пркосела и јас.
Сум сметала дека за сè можеш да се избориш, на сè да издејствуваш. И да, на професионален план, тоа и е случајот. Ама на животен драга, не е.
Се случуваат работи и спротивно од твоја волја. Се случуваат работи кои во твојата глава треба да се многу порозови.
Па ја правиш најголемата грешка. Почнуваш да ги боиш. Нафрлаш толку многу розова боја што ни самата не си свесна дека сè што си направила е боење на својата перцепција за нештата.
Фактичката ситуација си останала иста. И почнуваш да се лажеш. Да се убедуваш во сенешто. И почнуваш да се бориш со животот.
Најчесто, во овие борби ја правиш најголемата грешка. Се губиш себеси.
Стануваш тотално неважен во својата сопствена приказна.
Веќе си во магичниот круг. Се гушиш. Се чувствуваш немоќно. Заглавен си. Правиш чекор, па уште еден. Се заглавуваш уште толку.
Се чувствуваш мизерно во своја сопствена кожа. Нема излез, така ти се чини. Не можеш повеќе.
Презаситен си од потиснување на себеси самиот и своите сопствени верувања и убедувања.
Сакаш да побегнеш. Не знаеш како. Страв ти е. Да ја оставиш моменталната ситуација.
Да направиш чекор напред. Се чувствуваш виновно да ги напуштиш сите оние кои те направиле да се чувствуваш виновно.
Па се вртиш кон себе. Ти си крив. Да, секако. Ти си! Па кој друг?
Ти си се доведе во оваа мизерна состојба. Роден си за ова. Мизерен си самиот по себе. Вака треба да биде. Заслужуваш да си мизерен!
Не! He! He!
Доста веќе! Крај!
Успеваш да ги замолчиш злите гласови. Успеваш да ги надминеш силите кои те влечат надолу. Не знаеш како, не си свесен што ќе следи, ама првиот чекор веќе го имаш направено.
Знаеш дека ова не е за тебе, оваа најлоша верзија од самиот себе не си ти. И се оддалечуваш.
За сега е тоа доволно.
Само подалеку од си што те правело да се чувствуваш мизерно.
А, животот е чудна работа. Во моментите кога си преокупиран со мизерност, по секоја логика на нештата би требало да ти сервира среќа. Но не, тоа не го прави.
Те бутка во мизерија уште повеќе. А, во моментите кога сам одлучуваш дека ќе биде добро, ти носи уште подобро.
И денес, кога сè е стабилно, кога сè делува дека е баш онаму каде што треба да биде, едно „што ако„ за момент ти го поматува умот. Доволно си паметен веќе да не му потклекнеш.
Доволно си паметен да знаеш дека таа слика секогаш ќе те потсетува на едното исто.
Доволно си мудар да и дозволиш и на песната да разбуди во тебе сè што си мислел дека со времето засекогаш заспало.
Но најмногу од сè, доволно си свесен да знаеш дека самиот факт што спомените од минатото понекогаш ти ја топлат душата, не се доволни за истите да се сегашна состојба.
Насмевни се, ја доби војната!
Автор: Софија Филиповска
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!