Писмо до моето ангелчe: Јас секогаш ќе бидам тука за тебе, секогаш ќе те поддржувам

pismo-do-moeto-angelce-jas-sekogash-kje-sum-tuka-za-tebe-sekogash-kje-te-poddrzuvam-01.jpg

Ангелче мое мамино, те гледам како полека растеш и се радувам со тебе и со твоите мали и големи успеси.

Се радувам за сите непроспиени и нервозни ноќи, ако, нека не спијам, само ти да си добро. Само да не бидеш ниту гладна ниту жедна. Повеќе ми вредиш од мојот сон.

Сонот, ќерко моја, е бегство од проблемите, од болките, но моите соништа се кошмар. Единствено бегство за мене си ти. Кога те гушкам тебе се чувствувам како да имам сè, сè што ми треба.

Кога те гушкам тебе не сум ниту гладна, ниту жедна, ниту уморна, ниту нервозна.

Доволно е само да ме погледнеш со твоите мали очиња кои светкаат како ѕвездите да ги симнале и да ми се насмееш за сè да ми помине.

Знам дека чувствуваш колку ми е тешко периодов, тешко е да се биде силна ќерко моја, посебно кога мораш, но морам поради тебе и сакам поради тебе. Морам да сум силна и да ти се насмевнам за да ја видам насмевката на твоето лице.

Морам да бидам силна за ти да бидеш среќна.

Сега спиеш... Многу сакам да те гледам додека спиеш, ги правиш најслатките изрази на светот. Де ја собираш устата, де зинуваш, де се мрштиш, де цицаш, а немаш цуце, а кога се будиш, како да се будиш од зимски сон, цел час се тегнеш.

Ги сакам и твоите мали прстиња кои цврсто се држат за моите прсти додека ти се трудиш да се подигнеш, ги сакам и твоите мали стапалца кои уживаат да ме клоцаат по стомак, „ѓаволче“ мое мало.

Сакам кога се смееш, често знаеш да ја скриеш насмевката со твоите мали рачиња, но немој, никогаш немој да ја криеш твојата насмевка, бидејќи е најубавата насмевка на светот.

Тежок е животот, но ако научиш да го живееш ќе ти оди како песна, а знам дека ти го можеш тоа, знам дека ти ќе успееш и ќе ме направиш среќна.

Јас секогаш ќе сум тука за тебе, секогаш ќе те поддржувам.

Пред да те родам тебе мислев дека знам што значи љубов, но многу сум се излажала, никогаш не сум ни помислила дека може олку да се сака, ти си мојата најголема љубов и најправилната одлука која сум ја донела во мојот живот иако дојде ненадејно и сите не изненади.

Ни го приреди најубавото изненадување во животот.

Знаев дека ќе те имам иако ми рекоа дека нема да можам... Јас знаев, чувствував.

Се надевам дека Бог те пратил на вистинското место и дека ќе бидам најдобра мајка за тебе, ќе се трудам, се колнам, се надевам дека ќе сфатиш колку се трудам, се надевам дека ќе ми ја возвратиш твојата љубов.

Знам дека твоето малечко срце е полно со љубов, затоа си ти моето мало ангелче.

Јас сега не би можела многу да те советувам. И јас сум самата многу неискусна и млада.

Но, заедно ќе пребродиме и ќе научиме сè, го знам тоа. 

Автор: А. Т. 

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg