Сите знаеја дека твоја обврска во фирмата е да бидеш девојка на шефот...
Те познавам одамна. Никогаш не те гледав како пријателка, ми беше само колешка. Набрзо откако те запознав, дознав за вас двајцата. За тебе и за сопственикот на фирмата во која работевме јас и ти.
Не дознав од други, не слушнав муабети, туку сфатив. А и ти, некако како да беше горда на вашата врска, па не правеше скоро никакви напори да ја сокриеш, напротив како да сакаше да ни покажеш на сите дека го имаш него.
Тој беше во брак, имаше два малолетни сина и една ќерка и многу често, на шега, знаеше да каже дека има лоша сопруга. Се гледавте скоро секој ден, во работно време. Ти ќе излезеше од канцеларија без никакво објаснување каде одиш и никој ниту те прашуваше, ниту смееше да ти замери за тоа, затоа што сите знаеја дека твојата обврска во фирмата е само да бидеш девојка на шефот.
Од него ти зависеше дали денот ќе ти биде убав или не. Со еден збор знаеше да направи да се чувствуваш како најубавата и најпосакуваната жена на светот, но исто така со еден збор можеше и да те расплаче и да те натера да се чувствуваш најмизерно.
Заради него почна да се облекуваш многу провокативно, веројатно тој, освен што ти ја плаќаше гардеробата исто така и ти ја одбираше за да биде по негов вкус, да го возбудуваш што е можно повеќе, а и за да им покаже на пријателите какво „парче“ има. Ти го прифаќаше тоа.
Во најстудените зимски денови, кога сите се туткавме во најдебелите џемпери што ги имавме, ти доаѓаше со своето разголено деколте и го чекаше него, по којзнае кој пат да се воодушеви.
Мислам дека беше најсреќна кога ќе го испровоцираше толку многу, па тој ги оставаше и најитните обврски и те носеше некаде. А, најтажна беше кога тој одеше на годишен одмор со семејството, тогаш, ти стануваше неподнослива.
Не ти кажав никогаш, ама искрено и ние едвај чекавме тој да се врати од одмор за да не го трпиме твоето некоректно однесување кон нас.
Вашата идила траеше сè до оној ден кога неговата сопруга дозна за вас. Не знам дали е лоша, како што ја опишуваше тој или само ти го даде тоа што ти искрено си го заслужи, но знам дека ти го направи пеколен животот. Ти, остана без работа, понижена пред колегите, а тој се однесуваше како тоа да не е негов проблем.
Но, не за долго. Еден ден Катица, новата кафекуварка, ми кажа дека ве видела некаде заедно и дека сега си работела во фирмата на неговиот пријател. А, за да те смири по претрпените навреди и отворени закани од неговата сопруга, ти купил нов автомобил. Со други зборови, си продолживте каде што застанавте.
Поминаа многу години откако не си ми колешка, но се уште си негова љубовница. Не сум те сретнала, само еднаш случајно. Никогаш не те ценев и ти го знаеш тоа. Никогаш не ти кажав што мислам и што знам во врска со тебе и со него. Не е моја работа, а и муабетот секогаш ни беше формален, од немај каде, што би се рекло. Не сум ти судела никогаш, не сум те обвинувала за тоа што го правиш, ама имам некоја потреба да ти кажам што мислам и што знам јас.
Тој човек на кого му ја посвети целата младост, ја изневерува својата сопруга, но не само со тебе. Откако замина ти, веднаш ти најде замена, многу слична, со многу слично деколте. Ми се темни кога ќе помислам колку слични на тебе дојдоа и отидоа.
Околу него се врткаат многу млади девојки, ги носи на кафе, на викенди, на шопинг. За да биде поиронично, ти знаеш за тие девојки, но веројатно се тешиш дека тие се минливи и дека само ти остануваш низ годините.
Ти, имаш 35 години и немаш момче. Со години ги одбиваше сите понуди од момчиња затоа што се плашеше дека во моментот кога тој ќе дознае, ќе те отфрли. Немаш ни кариера. Сиве овие години не се трудеше да научиш нешто во врска со работата и да можеш сама да се снајдеш, туку целосно се потпре на неговата издршка и добра волја.
Секоја прослава, секој викенд (освен оние ретките кога ќе те однесе некаде) ги поминуваш сама.
Излегуваш со другарки, но колку и да си дотерана и убава, на крајот на вечерта, сигурно се прашуваш: за кого? Заспиваш и се будиш сама, се бориш да смислиш што поубедлив одговор на прашањата на твоите родители и на блиските, кои никако не можат да се помират со тоа што толку убава девојка, нема никој покрај себе.
Сигурно не сакаш свадби и веселби, насекаде само парови, а ти сама. А зошто? За кого? До кога? Мислиш ќе се разведе? Не, нема! Мислиш ќе ти направи дете и ќе те издржува до крајот на животот? Не, нема! Да сакал да го направи тоа, ќе го направел. Да те сакал само тебе, немало да биде со уште десет други жени. Зошто не сакаш да разбереш? Тој сака секс, сака да биде опкружен со убави девојки и да се фали со нив пред соработници и пријатели.
Тоа што ти купил автомобил и облека не е знак дека те сака, разбери, тоа е начин да те купи, да те има како своина, кога ќе сака и колку ќе сака. Немој да го мешаш со љубов.
Убава си и сè уште млада, земи си го животот назад, предолго беше во негови раце. Не размислувај што си изгубила и пропуштила, само зачекори напред, без него. Има многу повеќе нешта што ги нуди животот, од тоа да си нечија своина. Знам дека трпиш болка, тоа ти е една од подобрите карактеристики, затоа стегни заби и напред, избори се за себе.
Автор: Змајчек
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!