Во овие проклети времиња на нелуѓе, ти си еден редок вид, остани таква...
Оваа година, за Бадник, татко ѝ не дојде дома. Многу често не вечераа заедно, но на Бадник не се случило никогаш, некој од семејството да не биде дома.
Мајка ѝ нервозно почна да ги реди на масата посните јадења што ги подготвуваше цел ден и не гледајќи ја во очи, вознемирена, ѝ рече: „Ајде, ќе вечераме, не го чекаме, нема да си дојде за вечера, мислев ќе се премисли... мислев нема да прави вакви работи, ама...“.
- „Зошто не доаѓа?“ - праша Нина, а веќе го знаеше одговорот, само чекаше мајка ѝ да ѝ потврди. - „Е, па знаеш, заради тебе... не можел веќе да поднесе... го знаеш каков е, утрово ми се јави, беше лут и рече дека нема да си дојде, мислев дека само од лутина го кажува тоа, ама еве, навистина не дојде. Ајде, седни ти, одам да го викнам брат ти“.
Нина седеше, никогаш не ги сакаше овие празнични семејни вечери, на кои секогаш се чувствуваше некоја непријатност и на кои разговорот беше повеќе формален. Навикна на тоа татко ѝ да не разговара со неа, ама ова не го очекуваше.
На телевизија се редеа честитки за Бадник и стигнуваа пораки од пријатели кои посакуваа мир, спокој и совршена хармонија во домот. Ама хармонијата остана само во пораките.
Седнаа покрај трпезата, мајка ѝ, како секогаш, се обидуваше да го одвлече разговорот и вниманието од проблемот, никој не разговараше за тоа што се случува, го поделија лепчето и почнаа да јадат.
Нина превртуваше низ чинијата, ги сакаше сите посни јадења, ама немаше апетит. Не проба ни од зелникот што сама го направи. Ја вртеше ситуацијата низ глава. Имаше триесет и две години, беше во врска 10 години и татко ѝ не можеше да поднесе што не е мажена. Според нејзините сфаќања, тоа не беше ништо трагично и страшно, но според сфаќањата на татко ѝ, тоа беше крајот на светот.
Беше многу вредна и одговорна девојка, работеше во една приватна фирма веќе осум години, откако почна да работи, веднаш по дипломирањето, од своите немаше побарано ни еден денар, напротив, покриваше дел од заедничките трошоци на семејството.
Со нејзиното момче се знаеја од деца, а заедно беа цели десет години. Го сакаше заради тоа што беше ведар, ја почитуваше и знаеше да ја насмее и развесели. Тој работеше кратко во една државна установа, па се обиде да разработи сопствена продавница, но не успеа и сега, скоро осум месеци беше невработен. Нина ги покриваше трошоците за заедничните одмори, излегувања, седенки.
Нина беше девојка што секогаш во животот кога нешто не одеше како што треба, вината ја бараше во себе. И сега, пак ги анализираше работите тргнувајќи од тоа гледиште, дека никој не ѝ е крив за ситуацијата во којашто се наоѓаше. А ситуацијата, очигледно повеќе ги погодуваше тие околу неа, отколку неа самата, ама таа не сакаше да биде причина за нечиј немир и несреќа. Ама, ова и не е мака, мислеше Нина, па грев е ако речам дека ова е мака, за мака може да зборува тој што изгубил близок, што го спотерале болести и несреќи и што не знае дали утре ќе го раздени, има многу маки по светов, ова моево не е мака.
Гледаше Нина како постапуваат оние од нејзиното опкружување, некои секогаш одбираа поимотни момчиња, на други пак им беше сосема прифатливо да живеат во 40 m2 со свекор, свекрва и золва, некои го кажуваа судбоносното да, па после уште цела година си живееја кај мајка и татко додека не се создадат подобри услови за заеднички живот со избраникот, некои заминаа во странство, некои живееја под кирија и така ги растеа децата. Ги земаше Нина предвид, сите тие избори и ги почитуваше, на некои дури и им се восхитуваше.
А, не беше и дека не знае што сака, го сакаше него и сакаше сама да успее, сама да се избори. Понекогаш, не беше сигурна дали таа нејзина голема желба сама да се истурка напред во животот беше на некој начин предизвикана од тоа што реално и немаше баш кој да и помогне.
Како и да е, сакаше да заработува доволно и да не биде од оние жени што се омажиле со некого за да си обезбедат сигурна иднина. Ама тоа не успеваше да го оствари, барем не толку брзо колку што посакуваше. Вредно работеше, најде и хонорарен ангажман, размислуваше дење и ноќе како да дојде до подобар живот. Побара од момчето да се ангажира и да изнајде некој начин да заминат во странство.
И знаеше дека ќе успее, штом наумила да успее, ќе успее, само многу ја болеше притисокот. Ја болеа зборовите на татко ѝ: „Заради тебе не спијам ноќе, немам мир! Па, мора ли тој да биде, тој, да те сакал, немало да седи дома, ќе нашол работа, немало да те остава да чекаш десет години! А и ти, мораш ли се да имаш на готово, омажи се, па ќе се средувате полека!“.
Ех, моја Нина, не растажувај се, биди силна. Ако си решила да успееш, ќе успееш, не си го згрешила патот, биди си раат и главата горе, немаш ти, моја драга Нина, никаква вина, ни од што да се срамиш, напротив, во овие проклети времиња на нелуѓе, ти си еден редок вид, остани таква. Запамети Нина, кога ќе те фрлат под нозе, на правдина, тогаш треба да си најсилна.
И немој Бадник да те потсетува на лошо, туку вети ми дека кога ќе си оформиш свое семејство, а бадниковата вечер ќе биде најсреќната вечер за целото твое семејство. Јас веќе ве замислив, насмеани, среќни и блиски!
Автор: Змајчек
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!