Залудно не рекле: „Пази што посакуваш, да не ти се оствари“
Не знам од каде да почнам. Обично се почнува од почетокот, но јас ќе почнам од крајот.
Ме побара за сопруга. За празнициве. Ми даде прстен. Еве го носам, најчесто. Малку ми е широк. Не е важно тоа. Најубав е, прав веренички, нежен романтичен, баш како за мене. Така ми рече.
Клекна, да не веруваш, ме праша да се омажам за него.
Прснав во плач, со рацете го покрив лицето и заплакав. Како во филмовите. Го прашав „Навистина?“.
Рече – „Да, навистина“.
Реков – „ДА!“.
Му реков „Да“ на човекот што го сакам, човекот што откако го запознав го сметав за мажот на мојот живот, таткото на моите деца, мојот сопатник, мојот љубовник, мојот пријател, мојот заштитник, моето сè.
Откако го запознав размислувам за тоа како би било да се омажам за него.
Откако прв пат го бакнав посакав засекогаш да го бакнувам. Откако прв пат бев негова, посакувам да му родам ќерка. Сакав дом со него и три убави, здрави паметни дечиња. Топол дом, исполнет со смеа, љубов и вкусна храна која неуморно ќе ја приготвувам.
Јас сум ти да ме заклучиш во кујна и да го изгубиш клучот. Сакав сè со него. Мечтаев за денот кога ќе ме праша – „Ќе се омажиш ли за мене?“ Да, да, да!
И дојде и тој ден. Како летен дожд, брзо, ненадејно, краткотрајно. Се истури, освежи, замириса и испари.
Кога го запознав, тој за мене беше лото премија, принцот на бел коњ, љубовта на мојот живот, мојот иден сопруг. Јас за него, неосвоен трофеј, јака женска која треба да падне во неговите раце и во неговиот кревет, ама само до пред да се раздени.
И сè за неколку недели да заврши. Минуваа денови, неделите се претворија во години. Со мене испраќаше месечина и дочекуваше сонце. Со мене вечераше, со мене појадуваше.
Најверојатно се заљуби во мене. Ме сака тој, ама на многу чуден начин. Ме сака, а ме повредува.
Низ годините ми го скрши срцето на илјадници парченца, ми ја распарчи душата. Ме лажеше, ја изневери мојата доверба најболно што можеше.
Ме скрши и ме состави.
Ме сакал ми кажуваше.
Низ годините имав подеми и падови. На успесите се радуваше скромно. На неуспесите ме поразуваше до срж. Ме трескаше од земја. Ме сака, а ме измачува. Ме сака, а ме убива. Ме сака, а не ме прави среќна.
Кажав „да“, не кажав дали сум среќна.
Сите се среќни. Неговите просто ме обожаваат! Прекрасни луѓе. Моите сега го запознаваат подобро и сè повеќе им се допаѓа. Воодушевени се од него. Добар е тој, за другите секогаш бил тука, само за своите не. За мене. Сите се пресреќни. Пријателите велат дека тоа е тоа, ние сме создадени еден за друг. Само така требаше да биде и никако поинаку.
А тој, не знам дали е среќен. Никогаш и не знаев. Тој не покажува среќа, не покажува емоции. Не покажува радост. Секогаш морав да прашувам – „Среќен ли си со мене? Ме сакаш ли? Убаво ли ти е?“ И секогаш добивав скржаво „Да“.
И сега не знам дали е среќен или и ова е едно од неговите, вака треба да биде, некогаш некој со некого мора да биде.
Јас и тој сме Венера и Марс, небо и земја, вода и оган. Јас и тој сме совршено различни. Јас сонувам, тој ме буди. Јас плачам, тој ми забранува. Јас велам не можам, тој вели, мораш! Јас сакам прегратка за утеха, тој вели сама да се борам.
Јас сакам љубов, тој сака опипливи работи. Јас сакам едно ќебе, тој би одбрал два кревета. Јас сакам дома, тој се гуши. Јас сакам заедно, тој сака сам. Јас сакам наше, тој сака мое-твое. Јас сакам ние, тој сака јас и ти.
Јас сакав да живееме сега и тука, тој ми кажуваше како ќе живееме некогаш. Јас секогаш сакав тој да е среќен, тој ми велеше мене ќе ме направи најсреќна.
Кога? Кога ќе бидам најсреќна? Кога е тоа? Во овој живот или во некој друг? Да не сум можеби себична? Да не сакам преку леб погача? Да не претерувам? Да не барам премногу?
Ама, па, јас не барам многу. Барем не нешто скапо. Ниту тешко. Од скапи подароци барам само љубов и внимание. И масажа, понекогаш кога сум уморна и нервозна.
Сакам да чувствувам дека сум сакана. Малку грижа. Едно – „Како си?“. Кога цела ноќ нема да заспијам, ќе се превртувам и тешко ќе дишам, едно „Што ти е мила?“ и прегратка. Не прекор!
Сакам да знам дека некој е тука да ме чува, да се грижи за мене. Сакам да спијам мирно како порано. Сакам да живеам, не да планирам како ќе живеам. Сакам сега и тука. Животот е краток за да биде ситен.
Утре дали има никој не знае. Сакам денес да бидам среќна, а ако има утре, ќе раскажувам.
Еднаш изјавив и сто пати повторив дека јас ќе се омажам од љубов и за љубов. Сакав само љубов, здравје и среќа.
Ми велеа дека љубов куќа не гради, голо здравје не бива и глад за среќа не прашува.
Сè уште сакам да се омажам од љубов, да бидам здрава и среќна.
И ќе се омажам од љубов. Ама страв ми е да не се разболам ако бидам несреќна.
Автор: Алиса
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!