Што следи после 30-та?
Ми се наближува роденденот. Сега по некое непишано правило треба да сум возбудена, среќна, исполнета... Ќе добијам честитки на телефон, ќе добијам искрени бакнежи, по некоја честитка на Фејсбук и по некој скромен подарок и што сега...
Зошто сето тоа не ми причинува среќа? Нели треба да сме среќни со малите нешта... здравје, љубов, радост... но, нешто ми недостасува... што е тоа?
Јубилејната 30-та и не е толку страшна. Се прашувам да не ме обзел некој страв од процесот на стареењето? Се погледнувам во огледало, ги дигам веѓите не гледам ниедна бора на моето чело, само едно бело влакно во косата ми наговестува нешто.
Не, не е тој страв, нешто друго ме мачи но не можам да го откријам.
Среќно мажена, според биолошкиот часовник една рожба, работа и плата од „соништата”, сопруг, син, мајка, татко, сестра, свекор, свекрва сите на број и сите на купче.
Mи треба шолја чај.
Некоја коцка недостига во мојот мозаик за да можам среќно да ја започнам четвртата деценија. Болка ме стега во градите, некој силен жар ми го гори желудникот, ме пече длабоко во утробата, имам полно кнедли во грлото не можам да ги проголтам, ми доаѓам да плачам почнуваат да се ронат моите врели солзи....престанете ве молам, не течете еден внатрешен глас ми вели, јас немам мое место за плачење сама сум, осамена, а немам простор тоа да го искажам. Се прашувам по што трагам, имам ли јас големи очекувања од животот?
Ми треба шолја кафе.
Го анализирам секој сегмент од моето постоење, наоѓам недостатоци во се што ме опкружува, секој го обвинувам за моите неуспеси , се тешам со тешки патетики, немам среќа јас како другите, ми требаат пари, ми треба адреналин, возбуда, романтика... Колку повеќе размислувам толку повеќе се бунам и се губам во суштина на сопственото постоење.
Удирам по масата и велам „застани девојко, никој не е виновен за твојата празнина, зграби ги цврсто уздите во 30-та, направи пресвртница, ризикувај... Подари си сама на себе самодоверба, искористи го несовршенството во тебе и почни од почеток... Трагај по недостижното, качувај скалила за поголем успех, пакувај куфери за на море, дели бакнежи, подари насмевки, укради воздишки...
Ми треба чаша алкохол.
Девојчето во мене на жената во мене ѝ рече сруши ги потиснатите желби, намали го прагот на толеранција, не се врти во минатото, остави ги победите и поразите... Подготви се за неизвесност....
Дувни ги свеќичките и сврти нова страница во животот!
Автор: Ј.А.
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!