Затоа што животот е еден, пријателе...
И сега додека тешко дишам, додека болката во срцето ме пецка и секој момент мислам дека ми е последен, солзите ми се лизгаат по лицето, не можам да ги сопрам тие солзи што на страдање и жал потсетуваат.
Течат како река, самите без глас да испуштат. Никој да не знае, никој да не дознае. Дали ова навестува нешто, дали ова значи нешто? Дали надежта умира или вистината за суровата реалност сепак станува појасна од кога и да е.
Зошто човек во овие моменти секогаш мисли на најблиските, зошто здивот му запира кога ќе се сети на најубавите моменти, зошто сака да го каже она што мисли дека никогаш нема да биде кажано, зошто мисли дека зората нема да ја дочека онака како што доликува?
Зошто човек се плаши да заспие? Зошто се плаши дека од длабокиот сон никогаш нема да се разбуди? Катадневно мислам на едно исто, како полесно да го пребродам она од кое имам најголем страв, како да се справам со она за кое мислам дека никогаш нема да помине.
Ти доаѓа чувство на среќа, чувство на тага. Ти доаѓа да се насмееш кога ќе се сетиш на сите смешни моменти, ти доаѓа да плачеш на сите удари што ти ги задал животот. Ти доаѓа да бидеш најсреќен на свет затоа што некој те сака и за него си најубав цвет, ти доаѓа да тагуваш по сите кои од твојот живот засекогаш заминале и те оставиле да тлееш на дното.
Се сеќаваш на сите кои ти подале рака тогаш кога најмногу ти требале, тогаш кога си мислел дека сите бродови ти потонале, тогаш кога си мислел дека без нивната помош нема да си преживееш, тогаш кога ќе си умрел од глад и жед, тогаш кога ти требало покрив над глава, тогаш кога требало да се скриеш од злото што те следело, тогаш кога си мислел дека нема назад.
Но, како и секогаш се сеќаваш и на оние кои те турнале во тоа дно на пропаста, оние кои немилосрдно подиграле со тебе, оние кои ти плукнале во лице од како си им помогнал кога нив најмногу си им требал, оние кои ти се потсмевале без да ја знаат правата вистина.
Срцето ти гори кога ќе се сетиш на сите тие моменти, добри или лоши, дел од твоето минато и сегашност се пустите тие.
Среќен или тажен си ги доживеал сите мигови за кои денес ти запира здивот, баш тогаш кога мислиш дека е крајот на сè. Се трудиш да не мислиш на лошите за да не си го повредуваш срцето, да не плачеш повеќе што така било, се надеваш дека тие никогаш нема да се повторат и повторно таква трага и белег на твоето срце и во твоето сеќавање нема да остават.
Се надеваш дека ќе има подобро утро за тебе, дека штом очи ќе отвориш личноста со бакнеж ќе те разбуди вo кревет топло кафе ќе ти донесе и рака ќе ти подаде. На танц ќе те повика и ќе те наведе сите лоши мисли да ги избришеш.
Уживај во животот, пријателче мое. Можеби и тебе истиов пат ќе те следи, но не заборавај да бидеш силен. Сите неволји знај ќе ги победиш без да ја знаеш вистинската вредност на твојата храброст.
Живеј го секој ден како да ти е последен, вдиши го секој момент најдобро што можеш, смеј се како никогаш да не си се смеел, пеј како да мислиш дека никој не те слуша, играј како да мислиш дека никој не те гледа.
Сакај ги луѓето кои се секогаш тука за тебе и лажи ги оние кои најмногу ти веруваат, не трчај по оние кои ти ја затвараат вратата упорно и те викаат кога им е здодевно или кога мислат дека немаат излез од својот беден проблем.
Цени се себеси, цени го својот живот затоа што е ЕДЕН и знај пријателче, многу е вреден...
Автор: Марија Прличкова - Синдерфакинрела
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!