Како е да живееш со анксиозност: Јас сум само жртва на сопствениот дух...

Вие не го знаете ни чувството на мојата анксиозност. Да имате пропаднато во темна дупка, дупка без дно и од секоја страна ве полазуваат морници... можеби би знаеле што се обидувам да ви објаснам.

jas-sum-samo-zrtva-na-sopstveniot-duh-01.jpg

Јас не сум луда, ненормална и уште една неориентирана личност во светот. Јас сум само жртва на сопствениот дух. Се уморив трпејќи ги осудувањата од луѓето кои не знаат какви торнада преживуваат телата на луѓето како мене. Зарем вие живеете во свет без стравови? Ние секакви стравови имаме, дури и оние без причина.

И не обидувајте се да се вметнете во нашата кожа, нема да можете, сѐ уште е нерастеглива.

Јас не сакам да се чувствувам вака, не сакам да ја избегнувам блискоста со луѓето, да избегнувам да бидам тоа што сум. Но, не сум сама, одзади ме турка моето нарушување, мојата социјална анксиозност.

Никогаш не би испишувала бројни страници со сопствени чувства, да можам да ги отворам сите карти, барем на една единствена личност. Но сега, со секој свој обид да изговорам еден единствен збор, ме боде нож во грлото и добивам дури расцеп до градите. И верувајте, тоа премногу боли.

Не обвинувајте нè, ние не сме суштества од другиот свет и ние сакаме да ви возвратиме на вашите погледи и вашите пораки. Но, секој наш неуспех е награден со срам и исмевање.

Се обидов да сакам, и не успеав да ги искажам своите чувства. За возврат, ме напуштија. Луѓе, социјалната анксиозност не ни ја одзема љубовта, ние сè уште знаеме да сакаме. Ама ако сите си заминете, на кого ќе останат тие скршени срца?!

Нам не ни треба внимание, ни треба помош, не сожалување. Пружете ни ја.

Не зборуваме многу, но сите зборови ни се на врвот на јазикот.

И покрај нашите насмевки, сепак осамени сме. Но, и силни ги прифаќаме нашите слабости и покрај тоа што никој не може да ги разбере.

И ние сонуваме и имаме цел, но патот до успехот се највисоките планински врвови. Во животот губиме многу, но анксиозноста е задоволна, иако нашите соништа не се.

Ние не сме помалку луѓе од другите. Не се наклонуваме на авторитетните луѓе во животот, туку на сопствените неразјаснети стравови.

Сакајте нѐ, како што ние ве сакаме вас. Колку и да избегнуваме, сепак гледајте нѐ во очи. Тие ќе ви кажат сѐ.

Борете се заедно со нас, како што ние потајно се бориме за вас. Отворете ни го патот кон животот, и покажете ни дека ви значиме. Нам сте ни потребни, повеќе од било кога.

За крај, сакам само да знаете, да не ме убиваше социјалната анксиозност ќе ги доживеев сите љубови на светот и сите радости. Без размислување би ги споделила со семејството, без затворање во темна соба, плачејќи и трпејќи ја болката во себе.

Да немав социјална анксиозност, пред сите со крената глава ќе го покажев своето вистинско ЈАС.

Автор: Мартина Додевска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg