Ти давам оружје, еве, или забоди ме во грб или брани ме со него
„Повеќе никогаш нема да сакам. Никогаш нема да се заљубам!“ си реков знаејќи дека се лажам.
Тврдев дека љубовта е лоша, а потајно сакав некој од чиешто име ми се превртува желудникот. Кога ќе се изгориш и во јогурт ќе дуваш. Посакував кога ќе го видам ништо да не чувствувам. Ама чувствувам - омраза, желба за одмазда, гадење. Ниту ронка љубов.
Откако се затворив за тоа чувство, љубов, почувствував некој лажен мир. Па, јас не знаев да сакам. Знаев само да се опседнам со одредена личност и да правам илузии на љубов.
А, сонував небо со ѕвезди. Ми го толкуваа како среќа во љубовта. Ни с од среќа, ни љ од љубов.
Дали љубовта е лоша како што си мислев? Или само луѓето се такви? Сите се раѓаме полни со љубов, за да сакаме и за да бидеме сакани. А кога растеме се учиме на омраза.
И беше обичен ден. Мојата рутина беше таа,веќе се навикнав на тоа и не очекував ништо посебно од тој ден. Како и секогаш изморена и ненаспана влегувам во теретаната, со ужасна коса и широки тренерки.
Само што го забележав ја почувствував нежноста и чистотата на неговата душа. Имаше некако, тажно лице и многу длабоки очи и уште подлабок поглед. Погледнете мало дете во очи. Погледнете и задржете го погледот. Нема да престане да ве гледа во очи само доколку не му досадите или не го исплашете. Детето има чиста душа полна со љубов и затоа ќе ве гледа во очи.
Погледнете возрасен човек во очи. Погледнете и задржете го погледот. Знаете што ќе се случи, зарем не? Ќе го тргне погледот. Тоа е душата на возрасните. Полна со омраза, искашкана и без љубов. Се плашат, дека ќе им се види нечистотијата во душата, затоа не гледаат во очи.
Тој имаше поглед и очи на мало дете. Тоа забележав. И несвесно се заљубив во неговата душа. Но, толку беше чиста неговата душа, како на мало дете што се плашев дека јас не заслужувам таква љубов. Ама се сетив, скршените боички сè уште бојат, зарем не? Ќе можам ли јас на црна позадина да нацртам нешто во боја? Нешто со кое ќе се гордеам, ќе со сакам и ценам и ќе го бранам, макар и за него да умрам.
И му дадов шанса, да ме научи да сакам, си дадов шанса, да научам да сакам.
Му дадов оружје, еве ти, или забоди ми го во грб или брани ме. Коцката е фрлена. Или замини и никогаш повеќе не ми се појавувај во животот или сакај ме и научи ме да сакам.
И остана. И останав. И е првиот што ја виде мојата гола душа. Она кога некого ќе го пуштиш во своите сонови, стравови, несигурности, тајни, минато, лузни, тоа е да си гол како пиштол.
Тоа е тоа што го сакав. Не ми треба некој да ми ги симнува ѕвездите. Таквите само ми ги закрија ѕвездите со темни облаци. Тоа е тој, што ме фати за рака и заедно ги гледавме ѕвездите.
И не ми требат тие кои ја сакаат само убавината на женското тело, го имам тој што ме засака заради моето срце и мојот мозок, затоа што знам да сакам и да размислувам.
И токму тој ме научи на љубов и токму тој ме научи да сакам. А, и очекував од погрешни личности да ме научат што е тоа љубов. Не зборувам само љубов во релација момче и девојка. Ги опфаќам сите видови на љубов со ова. Погрешните личности само ме научија како да преживееш душевна штета. И како дупло да ги повредиш. За да ти е мирна душичката, не за друго.
И тој никогаш не ме поправа на подобро. Само ме држи за рака додека сама се поправам. Тој само ме научи вистински да сакам. Тој само ме научи дека моите и неговите несовршености вечно ќе се надополнуваат едни со други. Тој само ги зема скршените боичи и обои дел од светот кои го гледам црно-бел, претставен на црна позадина.
Не е лоша љубовта. Лоши се луѓето. Кои не ја ценат, наместо да ја возвратат, величаат, негуваат, тие ја отфрлаат, не ја ценат и не ја возвраќаат.
Автор: Црн Вандал
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!