Животот со леукемија: Секој ден е помал, секој сон пократок и секој момент последен...

Штотуку се вратив од болница. Ја мразев отсекогаш, ги мразев лекарите, толку љубезни, гостопримливи, а најмалку таму сакав да сум гостин, бидејќи само таму приказните се загорчуваат.

poslednite-dni-01.jpg

Но, никогаш не знаев дека еден ден и јас ќе се вратам со болка поголема од онаа на инјекцијата кога имав грип.

Не знаев дека ќе ми струјат низ глава зборовите: „Вашите зрели крвни зрнца се смалени, леукемичните се веќе во коскената срж. Имате почетна фаза на леукемија“.

Зборовите ми беа клише. Често слушани, сожалувани, но не и почувствувани. Болка која ми рече дека ќе ме одзеде. Часовник кој чукаше за мене. И првпат, првпат почнав да се брзам како никогаш досега, дури бев побрза и од моментите кога трчав по училишниот автобус за да не задоцнам на час.

Бев свесна дека сè зависи од ова. Знаев дека зависам. Барем до оној момент кога таканаречените абнормални зрнца не би ме довеле и мене во таква ненормална состојба.

Многумина од вас не се радувате на сонцето. Знам, бидејќи бев иста, не го чувствував ни дождот, ниту пак огнот во каминот дека навистина ме топлеше. Шаблонизиран живот живеев. Црвениот кармин навика, белиот фустан во тек со модата.

Не чувствував страв од тоа кога последен пат ќе го пробам колачот од малини на баба ми. Ниту пак се плашев од тоа да се скарам со своите, да ја треснам вратата и да излезам во диско.

Не жалев ни за сопствените грешки. Една ја повторував по неколку пати,не се каев за изгубените момчиња, за оние кои ме оставија, за оној кој јас му избегав, не плачев по секој стар, бидејќи како што рекле „Никогаш не трчај по момче или автобус, кога еден си оди секогаш доаѓа нов“.

Но, сега... сега после 3 медицински реченици тој шаблон се измени.

Сликата доби нови димензии. Часовникот имаше само една стрелка. И само нејзе ја чувствувам.

Немам време да чекам нов. Немам време да погледнам во календарот и да проверам дали догодина роденденот ми се погодува во сабота, не можам да се замислам како по шеесетина години го галам своето внуче.

Сега сум слободна. Првпат нема да мислам на утре, првпат нема да жалам за четворката по физика, бидејќи можеби ќе ми биде последна, разбирате?

Можеби последен пат ќе одам во продавница да си купам од омиленото чоколадо или последен пат ќе ми биде да позирам за фотографија. Сега, сега сечија прегратка ја ценам повеќе, секоја молекула ја чувствувам.

Како што рекле, хемијата ја гледам насекаде околу мене, бидејќи првпат јас сум во нечии раце, првпат друг одлучува за мене и за тоа до каде ќе завршам.

Би рекла дека имам страв. Се плашам, но немам време за тоа чувство. Морам да брзам. Морам да поуживам во погледот на зајдисонцето и мора навечер да спијам под отворено небо.

Мора да учествувам во средношколската  претставата и конечно да ја испеам омилената песна, мора иако сум срамежлива.

И секое утро ќе ставам одново од црвениот кармин. Бидејќи така ќе го гледам како се намалува, ќе гледам и ќе сфатам како тоа ми се случува мене.

Секој ден e помал, секој сон пократок и секој момент последен, последен со полн здив и надеж за поисполнет вечен крај.

Автор: К. И.

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg