Кога и сопствената кожа ти е тесна
Трчам... трчам и трчам.
Трчам низ животот. И запирам да разгледам. До кога вака? Мислам дека почнав да заборавам и да дишам.
Отсекогаш сум одржувала добар баланс. Научив да жонглирам со стаклени чаши. И се да одржам во воздух. И семејството и момчето и друштвото и вежбањето и добриот изглед и учењето и училиштето и добрите оценки и излегувањето и социјалниот живот...
Тешко е да балансираш со стаклени чаши. Сите останаа во воздух, освен една. Во таа чаша се наоѓаа малите работи што ме прават среќна.
И се враќам на муабетот со човекот на кого му симнувам капа. Ми рече ако се најдеш во соба со 5 луѓе, ќе можеш да угодиш само на 4-ца. Еден ќе остане незадоволен. А, ти ќе бидеш тој што е незадоволен.
И низ толку трчање, балансирање и се по ред ја чувствувам кожата како ми се стеснува.
И почнав да го губам гласот што ме исправи кога бев падната. Мојот сопствен глас. Почнав да го губам сопствениот глас. И се вртам наоколу обидувајќи се да го најдам. Морам да го најдам.
А почнав да слушам друг глас. Не, тоа нема да ме однесе никаде. Иако и тој глас ми мисли добро, го сакам мојот, сопствениот.
Не сфаќајте ме погрешно, ама јас имам добар карактер. Оптимист, секогаш насмеана, трудољубива, тврдоглава, упорна и секогаш подготвена да помогне.
Ама има денови кога ќе си го изгубам сопствениот глас, ќе снемам патоказ. И ќе бидам тажна, депресивна и кожата ќе ми биде тесна.
Некогаш не можам на никој да му ги објаснам своите постапки. Затоа е ризично да се дружиш со мене. И да се заљубиш во мене.
Пред да помислите дека сум лигава девојка болна за внимание, почекајте. Само колку да знаете, ништо во животот не ми дојде добро. Сè морав да го земам сама и од лошо да го преточам во добро.
И никогаш нема да се жалам или да го објаснувам тоа што било. Секогаш имам навика да викам никој за никој не знае низ што минал, ниту низ што минува, ниту низ што ќе мине.
Автор: Црн Вандал
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!