Со добрина мислев дека можам да го променам светот
Пред само една година мислев дека со добрина можам да го променам светот. Се заколнав на себе дека културата која ја носам во себе нема да ја изгубам без разлика на која позиција ќе ме донесе животот.
И еве сега ме става во ситуација кога ме тера тоа мислење да го преиспитам.
Денес мудро молчам додека мојот колега и мојот претпоставен тивко разговараат. Го слушам разговорот и некој друг ден не би останал рамнодушен да не коментирам, но денес не е мој ден и мислам дека тишината ми е најдобар сојузник.
Кога во еден момент двајцата избувнуваат:
- „Ако не може да си ја заврши работата нека се пензионира. Имам јас почит кон постари, но не и по цена некој да ми соли памет за нешто што не го искусил. Зборува, а јас ја завршувам работата.“
- „Така е“ - потврди колегата и потоа двајцата станаа и заминаа.
Зборуваа за вредноста на луѓето. Силно и моќно прозвучеа во мојата глава тие зборови. Дали тие зборови се сурови или само реални?
Во една прилика мојот брат ми рече:
„Треба да бидеш лош за да те слушаат и почитуваат.“
А, јас без размислување му вратив:
„Да, ако си лош ќе мораат да те слушаат особено ако си им претпоставен, но нема да те ценат, само ќе се плашат.“
И еве ме денес во ситуација кога дознавам дека мојот најблизок соработник, истиот тој колега чија работа јас секогаш ја завршував, бидејќи мислев дека ми е најдобар пријател, а тој ги собираше сите признанија без трошка срам, човекот со кого го делам работното биро со години, од раководството побарал моја смена од проектот кој јас го донесов во завршна фаза.
Го познавам уште од основно училиште и никогаш не сум броел колку пати сум му помогнал, ама е многу повеќе отколку што сум побарал помош.
И чувствував вина секогаш кога ќе остварев успех на било кое поле. Мислев ми е најдобар другар, но всушност само јас бев во таа улога.
Со денови се прашував каде погрешив, за конечно да сфатам...
Денес многу луѓе се сурови. Секого би прегазиле да го остварат својот сон и ретки се тие кои не бараат награда од другите, туку од себеси.
А мојот пријател, него јас го научив така, му дозволив преголема слобода во кругот на нашето пријателство да може да се фали со моите пехари, да мисли дека е најдобар и највреден. Сега знам, ако јас го донесов таму, јас можам и да го симнам и да му покажам дека тоа место е мое.
Секој друг пат е многу полесен отколку патот до довербата...
Автор: Сашко П.
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!