Ме плашеше што не можев да се пронајдам себеси во сопствената кожа
“Што сакаш, Ана?”- мојата потсвест ме врсна со погледот. Јас и возвратив со вообразен поглед.
Ех, и јас би сакала да знам што сакам, ама еве, не знам. Не можам да си ги откријам сопствените длабочини, како океан сум. Длабок, неистражен океан. Ако океанот не си ги знае своите длабочини и што има во нив, тогаш никој не може да прокопа во нив.
И ме плашеше помислата што не можев да се пронајдам себеси во сопствената кожа. Ме плашеше тоа што бев како равенка без решение.
Барав нешто што не е земско, нешто што не постои.
Сакав некој да ме допре без да ги користи рацете. Сакав да го истражат моето срце, да го стават во мастило и да најдат нечии отпечатоци. Сакав некому да му бидам воодушевувачки мозаик. Сакав да се удавам во некого, да пливам на дното од нечија душа. Сакав да победам нечија душа. Сакав да владеам со нечие срце, да се борам со себе си и со љубовта. Сакам љубовта што ќе ја доживеам да ми биде уметност, да ми биде поема.
За мене, ако нема што да се поправи, нема што да се сака.
Секогаш ме учеа дека љубовта е убава, но не е, воопшто... Има убавина, но ужасна убавина, немилосрдна. Знае да те крене до облаци... и паѓаш, паѓаш психички. Но во тоа е работата, сакаш да паднеш, вреди да паднеш. Не те засегаат последиците, само го сакаш она за кое ти чука срцето.
Љубовта е како нова кожа на зарасната рана. Таа поправа, лечи. Неа во принцип не и треба никаква придавка, не бара менување. Не бара степен на совршеност. Само бара нејзин играч, што ќе го даде најдоброто од себе за победа. Играч кој ќе остане присутен и ќе биде предаден целосно. Играч кој ќе сјае и лета, ќе плаче и ќе се смее, ќе се повредува и ќе оздравува, ќе паѓа и ќе се враќа пак на свои нозе, ќе игра чесно, ќе живее и ќе умре како нејзин потчинет.
Потчинет на ЉУБОВТА. Таа е доволна. Таа е ослободување од ужасен кошмар.
Автор: Ана Мартиновска
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!