Црвено вино, за длабока вистина

crveno-vino-za-dlaboka-vistina-01.jpg

Ти, пак тука, сама.

Ти пак тука, каде што не ти е местото, во погрешно време.

Знаев дека тука ќе те најдам.

Поласкана сум.

Не си, но не само што не си, туку и ужасно те нервира моето присуство.

Ако го знаеш тоа, зошто си уште тука?

Заради тоа што верувам дека би сакала со некој да си го испиеш виното.

А да ме оставиш за тоа сама да си одлучам, не мислиш ли дека би било паметно?

Драга, до кога вака?

До кога како? - Го погледнав, губејќи го и она малку трпение што ми беше останало.

До кога ќе те гледам како се трошиш, се делкаш себеси на ситни делчиња обидувајќи се да составиш луѓе кои не заслужуваат ништо од тоа што им даваш?

Еј, доста, добро?

Ќе ми кажеш дека знаеш како треба, те имам изнаслушано. Тоа е всушност твојот најголем проблем. Правиш сè, даваш сè, а за себе ништо не оставаш.

Кажи ми само до кога?

Имаш ли поента?

Од сите тие луѓе околу тебе, со никој ли не би седнала во недела вечер на црвено вино?

Зошто сама?

Види, ќе се потрудам нешто да ти објаснам.

Има некои од нас што уживаат да бидат сами добро? Тоа се најчесто оние кои не се плашат од себе, кои не бегаат од своите мисли. Некои кои сами во себе си ја пронаоѓаат енергијата, советот, поддршката.

Па искрено, не сум сретнал многу такви.

Жал ми е, тогаш воопшто не си ги сретнал оние вистинските.

Ми изгледаш како еден од оние што кога ќе видат сам човек, одма му даваат дијагноза на осамен.

Па не...? - Го прекинав пред воопшто да се доискаже.

Истите оние кои мислат дека на што повеќе места те има, со што повеќе луѓе, поисполнет си.

За мене срце, тие се бегалци.

Тие се оние кои не сакаат да седнат и да се соочат со она што им се случува во главата.

Оние кои мислат дека со ескивирање, проблемите полека избледуваат додека сосема не исчезнат.

Оние кои сè би направиле за да не останат сами со себе.

Оние кои попрво би биле со секој со кој не сакаат да бидат, на место на кое воопшто не сакаат да бидат, само за да не бидат сами со себе.

Не знам зошто мислам дека можам и тебе да те сместам таму. Сè мислам дека во таа глава се почнати да се одвиваат некои процеси кои те замислуваат и зошто се плашиш, бегаш.

Дојде баш тука, баш сега зошто знаеше дека сум тука.

Не негирај, во ред е. Знам дека не си дојден со намера да ми досадуваш, знам дека ти треба малку да избегаш.

Ама...

Ама, што? Ама, како знам? Те издаваат очите, те издаваат немирните потези. Џабе се обидуваш да ми продадеш ноншалантност, не ја купувам одамна.

Џабе ми пристапуваш со директна критика, кога сам знаеш дека сè би дал да можеш вака мирно како мене сам да седиш и да пиеш вино.

Има нешто многу интересно во тебе девојко...

Не се расфрлај со непотребни комплименти, подзамисли се за ова што ти кажав. Знам дека си тука зошто беше свесен дека нешто вакво од мене ќе чуеш.

Не негирам.

Ќе ми дозволиш само нешто да те прашам, без да ме пресечеш?

Да, ајде.

Им дава некој сè на оние што сè даваат?

Хахаха,  мислиш нешто како „кој ги чува чуварите“?

Сериозен сум.

Добро, добро разбирам. Види, имаш уште многу лекции за учење ако сè уште веруваш дека давањето е условено. Дека кога ќе дадеш сè треба да очекуваш и на тебе сè да ти се даде. Едноставно, не размислуваш така. Среќен си што си помогнал, што си бил најдобриот ти. Се надеваш дека таа помош ќе биде од било какво значење. Те исполнува туѓата среќа. "

Ретко добар човек си ти.

Па секогаш сум се водела од она „ако не можеш да најдеш добар човек, биди ти тој“.

А вреди ли?

Вреди. Сè вреди, секогаш.

Автор: Софија Филиповска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg