Бевме алфа и омега, бевме линија без почеток и крај
На средината од месецот, во ноќта додека снегот се раѓаше на покривите од куќите, а внатре во домовите мирисаше на печени костени и топло црвено вино, се роди едно посебно чувство.
Со денови на никулецот не можев да му дадам име. Прво го нарекував возбуда.
Но, како снегот се таложеше и деновите минуваа разбрав дека името не ми е соодветно. Подоцна го нареков тајна искра, мало жарче.
Се разгоре оганот.
Со поглед ги искажувавме зборовите, со насмевка ги решававме проблемите. Бевме алфа и омега, бевме линија без почеток и крај, бевме совршенство, тој во моите очи, јас во неговите.
Секое движење, секој трепет на гласните жици во мене ги будеа илјадниците крокодили кои беа сокриени во мојот стомак.
Рецепт на животот.
Се нижеа зимите на конопот. Снегот понекогаш целосно исчезнуваше, понекогаш премногу се натрупуваше. Се боревме.
Преку планини се искачувавме за да размениме погледи, на трња газевме за сјајот во очите да ни биде вечен.
Но, никогаш не научивме како да преживееме на сонце.
По неколку години и сонцето блесна. Ни ги замати погледите, ни го уништи сјајот кој силно блескаше, не раздалечи.
Мене ме остави овде, а него го зеде со себе. Го однесе на друг континент, во своите сончеви прегратки.
Ме боли, ми гори душата.
Знаеш ли како е да ти го украдат сето твое битие? Знаеш ли како е да се живее без љубов? Вака ли боли љубовта, вака ли течат солзите?
Така ли бледат зборовите, така ли безначајно минуваат дните?
Секој ден, секоја ноќ, секоја секунда сонувам за него.
Понекогаш во соништата ми е толку биску, ја чувстувам неговата топлина, како со дланките неумешно ми ги тргнува шишките, а потоа се будам.
Ја гушкам перницата и умирам во своите солзи.
Не умеам да бидам среќна без него. Сонце, врати ми ја мојата половина, врати ми го него и снегот со него.
Пишувам и се давам во своите солзи. Гласот ми трепери, но крокодилите со месеци не се појавиле повторно.
Наслушнувам шепот... Студен ветар ги расфрлува лисијата измачкани со мастило.
Дожд...
Мириса на пресна есен!
Сонце, ќе ми го вратиш ли? Разбра ли дека не можам да живеам без него!?
Автор: Нада Костадинова
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!