Знам дека иако силно ги стискате забите, пред спиење сите плачете
Често се среќавам со луѓе кои за себе тврдат дека се ладнокрвни.
Навистина ли е тоа така?
Ве познавам. Ве знам. Знам што се крие зад таа ладнокрвност.
Знам дека иако силно ги стискате забите, пред спиење сите плачете. Знам дека ве болат зборовите. Ве сечат како со нож.
За момчето што никогаш нема да се заљуби, знам дека те боли тоа што таа сака друг, а ти умираш по неа. За момчето што ѝ раскина затоа што не ја сака, знам дека ти е криво што не можеше да ја имаш покрај себе и што таа сега е среќна со друг.
За мајката што е секогаш строга со своите деца, знам дека копнееш по тоа да ги гушнеш во секој момент од денот, знам дека во секое делче од денот мислиш на нив. За мајката што никогаш не им кажала на своите деца дека ги сака, знам дека и покрај тоа ги сакаш.
За таткото што без емоции го натепа синот, знам дека се каеш за тоа. За арогантната девојка која ги има сите момци на дланка, знам дека те боли затоа што те игнорира тој што го сакаш.
За човекот што не сака прегратки, знам дека ти ја грее душата кога некој ќе те гушне. Знам дека некогаш си бил повреден и дека си осамен кога нема никој покрај тебе.
За човекот што сака секогаш да биде сам, што не му се потребни пријатели, луѓето се создадени за да живеат заедно, знам дека се чувствуваш осамено.
За човекот што не плаче, знам дека и ти чувствуваш болка и бодежи во срцето и понекогаш ги стискаш забите само за да не пуштиш солза.
Знам што криете сите зад таа ладнокрвност.
Често се среќавам со луѓе кои за себе тврдат дека добро ги кријат своите емоции. Дали навистина?
Или тоа го велите само за да изгледате силно и ладнокрвни?
Една забелешка од пријател ме натера да размислам. „Знам дека зад таа ладнокрвност си емотивна. Знам дека се правиш силна, а всушност си многу слаба.“
Точно е. БЕВ многу емотивна. БЕВ многу слаба. Бев како сите оние луѓе на кои им го посветив текстот. Бев како сите оние за кои знам што кријат зад ладнокрвноста.
И не, не сум повеќе емотивна. До мене не допира ништо. Ниту еден единствен збор не ме боли. И не плачам. Не чувствувам потреба да плачам. не чувствувам болка. Не копнеам за ничија прегратка.
И не, не сум повеќе слаба. Не можете да ме повредите. Помина времето кога ме повредувавте и сите газевте по мене. Ништо не ме повредува сега, ме сфаќате ли? Силна сум. Се чувствувам моќно.
Јас не се кријам зад маската на ладнокрвноста.
Јас сум ладнокрвна.
Не беше тоа што планирав да бидам во животот, но тука сум. Тоа е што е...
Автор: Црн Вандал
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!