Мразам сè во понеделник, освен него

Понеделнички утра потопени во кафе. Пијалaк кој те буди, ти ги буди чувствата, но не е и срцето. Го мразам.

mrazam-se-vo-ponedelnik-osven-nego-01.jpg

Се вратив назад во кревет ова утро бидејќи тој секогаш ме дочекува со широко отворено срце. Во него ги чувам сите мои желби, на перницата сите мои соништа и кошмари, а под него е мојот живот, сите мои дневници. Во неговите прегратки можам да бидам најслаба, а пред светот најсилна.

Денес и него го мразам.

Ме истргнува од соништата, ме брка подалеку од себе. Морав да станам, автобусот нема мене да ме чека. Ја облеков мојата омилена карирана кошула, фармерките, кожното палто и саканите есенски чевли. Нежните кадрици се спуштија по моите раменици, а мојата кожа го впи парфемот од роза без кој инаку не можам.

И нив ги мразам ова утро.

Така безволно и со брз чекор се упатив кон автобуската станица, седнав намуртена на празното седиште и оставив сонцето да ме пече. Се изгубив некаде во далечините. Не можев да ги држам очите отворени. Најчудно беше тоа што во сета таа топлина чувствував лад, срцето почна да ми бие се посилно и посилно, како да сум претрчала километри.

Автобусот запре на следната постојка и влезе тој. Не, воопшто не го мразам. Впрочем, како можеш да го мразиш тој што некогаш ти спиел во срцето? Можеш само да бидеш лут или рамнодушен, и ако погледнете во своето срце ќе сфатите дека сум во право.

Се збуни кога ме виде, се збунив и јас, иако го гледав само со крајот од окото. Некогаш дишевме заедно, а сега само се разминавме, секој со своја воздишка. Бевме странци, направивме круг и се вративме на почетната точка. Го мразам тоа. Гордоста ми ја сврти главата и ме исфрли од автобусот додека неговиот поглед ме следеше.

Добро паметам, низ солзи се колнеше тогаш дека тоа ќе биде последен пат да плаче за мене. Од тој ден погледите не ни се сретнаа бидејќи јас во себе се заколнав дека нема никогаш повеќе да го погледнам.

Но, го гледав секој пат кога тој ме гледаше. Бараше утеха која одамна самиот ја избриша и му беше криво што љубовта ја мерел со вагата на егото. И покрај сè му недостигав, ми недостига. Тие зелени очи ме тераат да го сакам и мразам истовремено, ми ја полнат душата со јад и носталгија, но и со љубов и возбуда.

Тој ми го поправи утрото, а не беше ни свесен за тоа.

По сè изгледа дека можам да мразам се и секого во понеделник, освен него.

Автор: Јованка М.

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg