Ти си мојот воз, а јас твојот несуден патник

Никогаш не сум патувала со воз. Кога некој ќе слушне, се запрепастува: „Како тоа? Зарем никогаш?“ Да, никогаш. Би сакала, иако вие што секоја трета недела се возите постојано се жалите дека нешто не ви чини, јас не дозволувам да ми ја уништите совршената визија во мислите: црвени седишта, весели патници, идилични глетки кои го одземаат здивот - за мене возот е нешто магично, неверојатно, сосема неопислив. А толку долго ги гледам возовите од далеку, што ги знам сите.

ti-si-mojot-voz-a-jas-tvoj-nesuden-patnik-001.jpg

Пред некое време, има веќе година – две, ќе одев до Скопје со воз. Знаејќи кога доаѓа мојот омилен, тој ден го одбрав за авантурата. Кога ќе ви го покажам, ќе се зачудите. Знам, не е најбрз, ниту најголем. Од обичен – пообичен. Никој намерно не би го избрал. Но ете, јас го сакав.

И така, си чекам јас ред во станицата кога вратата се отвора и една задишана девојка влетува. Ја препознав како другарка ми. „Што правиш? Како си?“ „Еве, ќе одам Скопје. Со воз“ гордо ѝ одговарам. „Навистина? И јас! Морам итно, нешто ми излезе работа. Епа ај, внатре ќе се видиме. Имаме три и пол саати!“ Не стигнав ниту да ѝ одговорам – таа веќе се пробиваше низ колоната, сакајќи да ја осигура својата карта. Сите ја пуштаат да помине: со своите руси коси, и слаби, долги нозе, нагласени во кусите панталончиња, изгледа како да снима реклама за некој производ за убавина. Ах, среќнице! Кога мене така би ме гледале! Ама ако. Важно ми беше само дека конечно ќе се качам на возот. Па, кој би помислил дека таа ќе ја купи последнта карта за мојот воз?! Не можев да си верувам. Тој воз скоро никогаш не доаѓа овде. И баш сега нема карта за мене? Целосно потиштена, ја здогледувам. Ми мавта, пресреќна дека успеа да си најде место. Што да правам, морам да возвратам, па се насмевнувам и ја гледам како си заминува со мојот воз.

Пред некој месец се сретнавме. Се немавме видено од случката со возот. Ми раскажуваше колку била воодушевена од мојот воз. Не ѝ било прв пат, но овој бил посебен. Од машиновозачот и кондуктерот, до бабичката во ќошот. А јас насмеана молчев и одвреме – навреме кимнував со главата, додека внатре викав: „Знам! Знам! Го знам сето тоа! Знам сè за тој воз! Тоа е мојот воз!“. Но, не велам ништо бидејќи утре тој повторно доаѓа во мојот град.

Сончево, убаво време. Совршено за сликите што очекувам да ги видам низ недочистеното стакло на прозорецот. Во станицата е вообичаениот метеж, кога во центарот на целиот тој хаос, се појавува ново лице. Слабичка, во црно фустанче и пламено црвена коса, а штиклите ѝ одекнуваат насекаде. Се вртат глави. Не! Не! Не повторно! Но, таа се пробива и веќе знам дека мојата карта е замината.

Седам на клупата и го гледам како заминува. Уште малку и само чадот и далечната бучава  ќе останат. Кратко потоа, и нив ќе ги нема. Само кристално сино небо кое ми ги мие очите и брише секаква трага од некој немил настан. А јас тонам. Длабоко, во недогледната бездна на тагата. До кога ќе тонам? Подај ми рака, спаси ме!

Ме разбираш ли за што ти зборувам? Ти си возот, оној што го сакам и покрај тоа што многу други ни два пати не би те погледнале.  Јас сум таа што те знае внатре, тебе вистинскиот. А ти вака ми враќаш! Зошто секогаш кога ќе се ослободи место во твоето срце, ти го даваш на друга? Без грижа, прашањево е само реторичко. Знам дека никогаш нема да бидам една од убавиците, кои се прекрасни, и забавни, секогаш подготвени за лудории, вистински трофеј – да ти е гордост да се шеташ со некој од нив пред друштвото.

Но, тие по неколку станици ќе слезат, нема да ги видиш уште еднаш. А јас како и секогаш ќе чекам покрај пругите, кога ќе те вратат за поправка бидејќи баш некој оставил дамки на седиштата, а некој го скршил прозорецот. Кога ќе одлучат дека повеќе не исполнуваш стандарди и внатре, во душата те боли, тука бараш засолниште, бидејќи знаеш дека јас секогаш сум тука. Не само тука и сега, туку секаде и секогаш сум тука за тебе. Бидејќи ти си мојот воз, а јас твојот несуден патник.

Автор: I. Sh.

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg