Таква сум... Мене човек мора да ме изгуби, за силно да ме љуби
Се разбудив, мрак. Сцена, сценарио, филм. Некоја нејасна слика, недостижен живот. Сон ли е? Реалност ли? Го гледам истото, се мачам. Глетката испарува и повторно се појавува. Што се случува со мене? Лежам и празно шарам со очите. Не сфаќам ништо, едноставно не разбирам. Чувствата не се вклучени во ова, ова што не знам што е. Што и да е ме мачи, ме остава збунета, во неизвесност.
Вресок ме освести, ме врати назад. Назад во реалноста. Се сепнав. Сум полудела, си реков. Но не, не сум луда. Јас само сонувам, а не знам што сонувам. Дали она недостижното беше некој непознат свет? Свет во кој не припаѓам? Личноста се отуѓува од кожава. Се дели. Остануваме јас и мојата личност. Се гледаме, очи во очи.
Тишина. Сфаќам дека се сонував себе си, себе си во друг свет, далеку од тука. И не бев иста, воопшто. Дури ни малку не наликував на себе. Во мене емоции не преовладуваа, изгледав празно. Во сонот се гонев со личноста која не сакам да бидам. Со онаа која живее длабоко во мене, а никогаш не и е дозволено да излезе на површина. Другата во мене, да, онаа која ја потиснувам, онаа која ја казнувам. Најлоша нејзина казна е тоа што никогаш нема да ја откријам. Не сакам да сум онаа бесчувствителната, онаа која вечно има празнина во себе, онаа на која ни немирот не и е водилка во животот.
Ги оттргнав мислите, продолжив празноглаво да гледам во мојата личност. Како да избега од мене, не можам да ја дофатам. Како ли се припитомува тоа палаво нешто кое живее во мене? Како ли се бори против тоа? Како пеперутка во лет е, тешка за дофат. Се инаети...и таа како мене, се насмевнав. И се надвладеав себе си, повторно.
Повторно и дозволив да победи на оваа емотивнава страна, оваа ЈАС каква што отсекогаш сум била. Ништо не ме смени, не постои виша сила која ќе успее да го урне ѕидов во мене. Не постои болка која ќе и дозволи на уметноста од милиони бои во мене да се замени во еднобојна слика, без емоции, без вредност. Не постои...
А јас сум таква, таква сум...мене човек мора да ме изгуби, за силно да ме љуби.
Автор: Ана Мартиновска
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!