Го мразам совршениот сон, поради лошата реалност

Се будам, часот е околу седум наутро, некако поинаку се чувствувам утрово, а велат денот по утрото се познава. Набрзина ги облекувам панталоните, си ги врзувам патиките и излегувам.

go-mrazam-sovrseniot-son-poradi-losata-realnost-01.jpg

Годишнина ни е, веќе една година сме заедно, лето е и наше е, само наше. Излегувам избезумен, не знам што да правам. Цела година размислував што ќе биде мојот подарок за првата наша годишнина, кое изненадување најмногу ќе го сака. Не сакам работи кои се купуваат за пет минути, повеќе сакам работи кои сам ги правиш со часови, неколку дена и така направив.

Одам од продавница до продавница, подарокот не е целосен, чувствувам, сакам да купам уште нешто за да биде поубаво. Знам дека најмногу ги сакаше розите, отидов во најблиската цвеќара, побарав убава роза, онаа најубавата се уште спие. Телефонот ми ѕвони, таа е.

– „Добро утро.“

– „Добро утро и тебе.“

– „Не чека голем ден.“

– „Те сакам.“

Call ended.

„Ви благодарам многу“ – ја плаќам розата, учтиво се поздравувам и излегувам. Повторно не сме целосни, одам во други продавници, морам да најдам нешто што ќе го сака. Одам во златара,

– „Дали ќе можете до вечер да ми направите приврзок со плочка?“

– „За три часа ќе биде готова, како да изгледа?“

– „Седумка, големина за на ланче. Ви благодарам.“

Е сега сум целосен, сега конечно сум сигурен дека ги направив најубавите нешта за годишнината. Отидов дома, ја ставив розата во вода, да не овене, сепак треба да почека. Се пресоблеков и повторно си легнав, ама не за да спијам, ќе ја читам книгата која таа ми ја даде за да ја прочитам. Убава, љубовна содржина, на почетокот караници, а крајот завршува со љубов. Таквите книги се најубави. Ја вртам страницата и гледам ливче – „те сакам“. „И јас те сакам“ – веднаш и испратив порака.

Полека поминува денот, почнува да се замрачува, конечно го дочекав овој момент. Се истуширав па сега барам облека која ќе ја носам. Ќе ја носам новата кошула, сините пантолони, нејзиниот омилен часовник и новите чевли. Го прскам парфемот кој таа најмногу го сака и излегувам. Розата ја држам во едната рака, а во другата го држам ланчето со седумка и подарокот кој сам го направив, за неа, мојата книга која требаше да ја издадам следниот месец, а ја напишав за неа. Се јавувам кај нејзината сестра, во неа е другиот дел од изненадувањето, таа ќе ми помогне околу ова. Малите свеќички биле подготвени, подготвено било видеото од нашите слики и проекторот на кој ќе се прикажува.

Конечно стигнувам на местото, многу е убаво, ги гледам двете дрвени столици, ги гледам наредените свеќи околу нив и големиот проектор, во неговиот десен агол гледам 1:07:18. Толку е долго? Добро. Конечно го дочекувам времето кога треба да дојде. Сестра и замина да ја земе и ете ги. Очите и се врзани со марама, преубаво е облечена, го носи моето омилено цветно фустанче и патики. Косата и е пуштена назад, онака како што јас најмногу ја сакам.

Полека ја тргнува марамата од очите, прво ме погледнува мене, па потоа се друго. Почнува да плаче, а и јас со неа. Ја сакам, насмеана. Сега и тука. Сестра и замина, сега сме конечно сами. Полека се доближувам до неа и ја бакнувам, цврсто ја прегрнувам додека и двајцата плачеме. „Засекогаш“ – и велам. „Засекогаш“ – повторува по мене. Ги отвора моите подароци, а јас нејзиниот. И двајцата сме си еден на друг најголемиот подарок. Почнуваме да го гледаме видеото заедно, а во позадина нашата песна.

И се разбудив, пак сум на истото место, повторно набрзина се облеков и излегов, ги направив истите чекори, како во дежа-ву. Го правам она кое мислам дека треба да го направам, цело време се надевам дека ќе се случи истото кое што пред малку се случи. Купувам цвеќе и повторно одам во истата златара, го порачувам истиот приврзок, но овој пат ќе го чекам четири часа. Се е средено, одам дома и погледнувам на бирото, ја нема книгата која требаше да ја читам, онаа која таа ми ја даде, па без песимизам ја земам книгата која последна си ја купив. На неколку часа избегав од мислите. Станав, се истуширав и повторно исто се облеков, ги направив истите подготовки, овој пат сам.

Чекам да дојде. За пет минути треба да е тука. Поминуваат пет минути, десет, поминува еден час, поминуваат два часа, а неа ја нема. Нерасположен тргнувам да одам кај неа дома, со трчање одам до нејзината куќа и ја гледам среќна, без мене, како јас да не сум ни последното нешто кое таа го сака.

Тргнувам сам на пат за дома, гледам како некој мој врсник ја изненадува својата девојка со скапо ланче и цвеќе, а јас толку многу направив. И повторно ќе се чудам колку на луѓето љубовта не им е важна…

Автор: Цветанчо Талески

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Језиво“ е колку стана „нормално“ сите во Скопје да се изневеруваат Не знам дали на редовна база движите доволно низ градов, но ако малку повеќе сте...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg