Не си заљубен во некој ако ставиш слика на Facebook
Ако она што го гледам низ друштвените мрежи е љубов,тогаш овој збор добил сосема поинакво значење. Некое модерно значење како и сè останато што ни се случува во животот. Илјадници статуси во кои неизмерно се искажува љубовта најверојатно копирана од некоја интернет страница, преубави љубовни фотографии на кои таа буквално го дави со слатки прегратки, бакнежи. Споделени слики од интимни моменти, седење во скут или наутро кога се будат заeдно...
Има и друга варијанта на среќно заљубени низ Facebook, Instagram или која било друга социјална мрежа. Оние најинтересните според мене.
И купил Versace парфем, па мора тоа сите да го видиме. Има некои што се пофалиле со брендираната чанта, чевли, очила или фустан и сето тоа од најдобриот дечко на светот. Не можам да ги избројам колку многу најдобри има.
Луѓе сфатете не сакаме да го гледаме тоа. Вие го уништувате значењето на најубавото чувство на светот. Создавате некои нови поими и поставувате услови кои мора да се исполнуваат за да видиме дека некој стварно е заљубен.
Според мене вашата љубов е иста како она што баба ми често го кажува: „Тоа им е за пред народот”.
Поточна дефиниција - здравје.
Мене навистина ми е жал што се губи смислата на едно толку убаво нешто како што е љубовта. Тинејџери, деца, млади луѓе, што и да сте. Не си заљубен во некој ако ставиш слика на Facebook како се лигавите пред народ или ако ти купил Ферари.
Не ме интересира што си добила на подарок, ниту како се бакнуваш. Срамота е пред големите луѓе кои ја возвишуваа љубовта,пишуваа за неа и исполнија безброј полици на библиотеките низ светот.
И ова не го пишувам бидејќи сум револтирана од ваквата НЕљубов на денешницава. Ова го пишувам на човекот кому не знам како да му се оддолжам затоа што ме прави толку силна.
Не сакам да ги читам вашите статуси во кои празнината се гледа како бели празни листови. Ќе го напишам ова за да покажам дека постои таква љубов кај многу од нас, само не ја споделуваме на Facebook.
Вечерашнава случка што ме натера толку силно да плачам и да се смеам во исто време ме натера и да го напишам ова.
Тој заспа. Мене почнаа да ми се вртат безброј негативности низ главата. Почнаа да ме напаѓаат. Не можев да се соочам. Почнав да плачам. Онака тивко да не го разбудам. Не мрднав, ниту испуштив глас. Само солзите бесшумно се слеваа низ моето лице.
Наеднаш тој се разбуди. Ме зеде во прегратка. Почувствувал дека сум тажна. Почувствувал дека плачам. Ме прегрна толку силно. Ме направи посилна и продолжи да спие.
Затоа не го употребувајте зборот љубов бескорисно и безначајно. Оставете да постои онаква каква што е. Преубава е таква каква што е.
Не го менувајте нејзиното значење зошто друг поим за љубов не постои.
Автор: Љубов
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!