Вазната која значеше живот
Имав една вазна. Омилена ми беше. Всушност единствена ми беше, немав друга освен неа. Беше преубава. Ја обожував.
Кога во една непланирана прошетка сосем случајно ја видов си реков мора да биде моја и ја зедов за себе. А и за ваков цвет како мене си помислив совршено ќе одговара да имам една таква.
Кога ја погледнав одблиску видов и дека не е толку нова ни чиста. Како користена ми изгледаше, како веќе да стоеле цвеќиња во неа, како отстоена вода долго време да чмаела внатре. Барем одвнатре се гледаше дека не е негибната. Напротив, најразлични цветови во неа си ја покажувале својата убавина или позади нејзината ја криеле својата неупадливост и безличност. Многу цвеќиња во истата таа вазна умреле. Лист по лист се распаѓале се додека не се исушиле без својата вода.
Ама однадвор изгледаше нова. Сјаеше просто со својата грациозност. Испрчена изгледаше како самоуверен млад петел кој за прв пат треба да пее пред ново јато кокошки. Ама само што ја видов се заљубив.
Си реков јас кога ќе ја средам ќе биде како нова. Така и направив. Со моите бели и чисти раце ја триев рѓата што од валканата отстоена вода се нафатила. Ја миев со чиста вода и ја галев како јунак што ја гали својата љубена после добиена битка. Ја избришав од своите алишта, беше сува, чиста, миризлива и безобразно сјаеше.
Од тој ден постојано во себе имаше најубаво цвеќе, чиста вода и ја грееше сонце. Имаше се што може да посакува. Секогаш ја ставав на средина од белата масичка, како центар на светот. Да стои таму ни помалку ни повеќе баш на средина и да ја краси собата. Ама кога и да ја оставев сама, кога се враќав не ја наоѓав таму. Секогаш беше на самиот крај од белата масичка. На работ од неа. И секогаш ја враќав назад.
Еден ден задоцнив малку. Кога дојдов ја најдов долу на подот искршена на парченца.
Ах проклето нека е! Ја премина границата се доближи толку пати до работ и овој пат се лизна. Се искрши, се уништи! Се мислев што да правам зар да ја фрлам? Како да се откажам од неа кога толку ми значи. Па јас само таа вазна и ја имав. Јас сакам, едно ама вредно. Само неа ја имав, ја обожував!
Парче по парче ја собрав во скутот. Ја гледав и размислував. Колку ранливо изгледа, како дете со ред солзи а ред мрсули кое ја изгубило мајка си и ја бара. Решив да ја составам и да ја залепам. Парче по парче со денови ја составував. Ги споредував аглите и дел по дел ја создавав одново. Ќе се исечев од некое парченце потоната во своите мисли, само ќе погледнев во крвавите и уморни раце и продолжував да ја составувам.
После непроспиени долги ноќи, мачни утра и безлични денови конечно успеав да ја залепам. Ја ставив на своето место, на средина од белата масичка. Ете ја, стои таму сè уште. Стои немо како млада невеста искарана за прв пат од својот сакан сопруг. Стои како умно дете кое добило единица. Истата таа вазна, а сепак различна.
Ја нема повеќе грациозноста и беспрекорниот сјај. Повторно и ја украсив душата со најубави цвеќиња ама истекла водата низ пукнатините, не додржала пустата та ливче по ливче, цвет по цвет опустошила се. Пукнатините од вазната и направија пукнатини на душава. Празна е вазната. И собата како празна е без цвеќиња. И душава празна е. Не постои лепило ни за вазната ни за душава.
Туку лек за вазната има, вазна се наоѓа, се купува. А душа?
Автор: Алиса
Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!