Поминале 72 дена на Андите откако се срушил авионот, ги јаделе загинатите – најекстремната приказна за преживување
Преживеаните од кобниот лет од Уругвај до Чиле поминале 72 дена на Андите на температури под нулата без никаква опрема, а за да преживеат морале да почнат да ги јадат загинатите.
На 12 октомври 1972 година, пет членови од аматерски рагби тим од Уругвај, заедно со уште 40 лица, патувале со авион од Уругвај до Чиле – лет кој завршил кобно за повеќето од нив.
Рагби тимот имал натпревар во Чиле, а 10 од патниците биле нивни роднини. Во авионот имало и 25 други патници, како и 5 членови на екипажот. Иако пилотот бил искусен и ги имал прелетано Андите 29 пати, поради лошите временски услови, авионот се срушил на земјата.
Авионот паднал на глечер на 3.570 метри надморска височина помеѓу Чиле и Аргентина.
Од 45-те лица во авионот, тројца патници и двајца членови на екипажот кои се наоѓале на задниот дел од авионот загинале кога авионот се распарчил пред да падне на земјата. Неколку секунди подоцна, уште двајца паднале од авионот и го загубиле животот. Најмалку четворица загинале во мигот кога авионот паднал на земјата.
33 патници преживеале, но повеќето биле многу повредени. Помеѓу патниците имало двајца студенти по медицина кои дале сè од себе за да им помогнат. Дел од нив, за жал, им подлегнале на повредите.
Но, за преживеаните ова не значело спас – тие биле заглавени на планина со температури под нулата и многу снег. Сите целиот живот живееле покрај море, а повеќето немале ни видено снег дотогаш. Истовремено, никој од нив се немал искачено на таа надморска височина.
28-те луѓе што останале прво направиле засолниште во остатоците од авионот. За да се заштитат од студот, барале ќебиња и облека низ багажот на патниците па дури и ги исекле седиштата кои биле обложени со волна.
Околу 11-тиот ден, преживеаните успеале да најдат радио во авионот, го поправиле и сфатиле дека веста за нивната несреќа веќе се шири. А, следел вистински шок – од радиото дознале дека потрагата по нив е откажана бидејќи била безнадежна.
Луѓето имале многу малку храна, а поради суровите услови на планината не можеле ни да ловат. Во авионот успеале да најдат чоколадо, три тегли џем, малку бадеми… генерално, грицки што ги има на авион.
Јаделе што е можно помалку, за храната да им трае подолго. Подоцна еден до преживеаните откри дека три дена јадел само една кикиритка прелиена со чоколадо.
Кога сфатиле дека никој нема да ги спаси, но и дека немаат храна, дел од преживеаните предложиле да ги јадат телата на загинатите.
„Нашата заедничка цел беше да преживееме – но ни фалеше храна. Помина долго откако ја изедовме храната од авионот, а околу нас немаше вегетација или животни за ловење.
По само неколку денови почнавме да ги чувствуваме последиците од изгладнувањето. Знаевме дека наскоро ќе бидеме премногу слаби да направиме што било.
Знаевме кое е решението, но беше премногу ужасно да размислуваме за тоа“, изјави подоцна еден од преживеаните за канибализмот.
Оваа одлука не била лесна за никој од нив. Ситуацијата била отежната бидејќи дел од загинатите патници биле нивни пријатели и семејства.
На почетокот, само неколку се осмелиле да јадат човечко месо, но набрзо другите сфатиле дека навистина нема друга опција, па почнале и тие.
Сите преживеани биле христијани и стравувале дека ќе бидат казнети од Бог поради ова. Сепак, колку и да звучи ужасно, канибализмот им помогнал да преживеат додека да дојде помош.
Бидејќи им било јасно дека никој нема да ги спаси, неколку од преживеаните решиле да одат пеш со надеж дека ќе наидат на населено место.
Тројца од нив, без никаква опрема за планинарење, изоделе 61 километар по планински терен барајќи помош, додека другите ги чекале покрај остатоците од авионот. Додека траело ова патешествие, уште неколку лица го изубиле животот.
Оние кои тргнале на пат импровизирале како знаеле за засолниште и си рекле дека или ќе најдат помош, или ќе умрат додека се обидуваат.
По 10-тина дена одење, тие стигнале до некоја долина и забележале знаци на човечко присуство, како кампови и крави.
На крај, забележале и човек со коњ, но бил од другата страна на голема река. Човекот само им довикнал дека ќе се врати утре и следното утро навистина се вратил.
Едниот од преживеаните му напишал порака со која му кажал што им се случило, ја врзал на камен и ја фрлил преку реката. Мажот бил во неверување бидејќи слушнал за несреќата, но не очекувал дека има некој преживеан.
Со ова, по 72 дена во сурови услови, завршила голготата на 16-те патници кои останале живи.
Преживеаните биле спасувани со хеликоптери, а поради лошите услови, спасувањето траело неколку денови. Последните преживеани биле спасени на 23 декември 1972 година, повеќе од 2 месеци по несреќата.
Приказната за преживувањето набрзо се прославила, но штом јавноста дознала за канибализмот, патниците биле осудувани.
Но, тогаш истапил католички свештеник кој изјавил дека она со коешто се соочиле преживеаните ние не можеме ни да си го замислиме. Истовремено, тој истакнал дека преживеаните се заколнале меѓу себе дека ако некој од нив умре, другите можат да го изедат неговото тело. Што значи, на некој начин своеволно би се жртвувале за сопатниците.
На крај, свештеникот ги „ослободил“ од гревот кажувајќи им дека нема да бидат проколнати во задгробниот живот поради околностите.
До денес, ова е една од најекстремните приказни за преживување, а силата – и психичка и физичка – што ја покажале преживеаните е неспоредлива.
Во 1993 година за настанот е снимен и филм насловен Alive.
Спирова С. | Црнобело