Што претставува системот за исчезнати лица „Амбер алерт“ + грозоморната приказна заради која е создаден
„Амбер алерт“ е систем за брзо известување на јавноста за исчезнувањето на некое дете. Во САД е активен од 1996 година, а неговото создавање е поттикнато од убиството на 9-годишно девојче. Оттогаш, над 30 држави ширум светот го имаат имплементирано истиот или сличен систем.
Такнаречениот „Амбер алерт“ е систем за известување за исчезнати деца кој потекнува од САД.
Системот е креиран по киднапирањето и убиството на 9-годишната Амбер Рене Хангерман од Тексас.
Како функционира овој систем?
Името на системот е инспирирано од 9-годишната Амбер и целосно гласи America's Missing: Broadcast Emergency Response.
Целта на системот е да се известат што повеќе луѓе за исчезнувањето на некое дете, за што е можно пократок период.
Со ова значително се зголемуваат шансите детето да биде пронајдено.
Штом властите ќе утврдат дека некое дете е киднапирано, а случајот ги исполнува условите на „Амбер алерт“, тогаш медиумите се должни да ја прекинат нивната програма и да почнат да ја известуваат јавноста за исчезнувањето.
Информациите се појавуваат и на аеродроми, автобуски станици, некогаш и преку СМС пораки...
Исто така, детали за исчезнатото дете се појавуваат и на сообраќајни знаци. На пример, на фотографијата подолу направена во 2008-ма во САД, на знакот пишува: „Киднапирано дете, син автомобил Honda Civic“.
Со ова, и учесниците во сообраќајот веднаш се известени и можат да реагираат доколку го забележат автомобилот.
Условите кои треба да бидат исполнети можат да варираат од земја во земја, но во САД се следните:
- Властите мора да потврдат дека се случило киднапирање
- Детето е изложено на ризик од сериозни повреди или смрт
- Има доволно описни информации за детето, киднаперот или неговото возило
- Детето мора да има 17 години или помалку
„Амбер алерт“ од САД има соработка и со Гугл и Фејсбук кои веднаш почнуваат да ги известуваат нивните корисници за исчезнатото дете.
Кои држави имаат ваков систем?
Како што спомнавме, овој систем потекнува од САД, но бројни земји ширум светот го користат истиот или нешто слично.
Секоја држава си поставува свои критериуми за тоа кога треба да се активира системот за известување на јавноста.
Покрај САД, други држави кои имаат слични системи се: Белгија, Бугарија, Канада, Кипар, Чешка, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Јамајка, Луксембург, Малта, Мексико и бројни други.
Повеќето земји од Европската Унија имаат ваков систем, но наводно се работи на уште еден во кој ќе бидат опфатени сите членки.
Односно, штом ќе се активира алармот, ќе бидат известени жителите на сите земји од Европската Унија.