Што претставува системот за исчезнати лица „Амбер алерт“ + грозоморната приказна заради која е создаден
На 13-ти јануари 1996 година, 9-годишната Амбер Рене Хагерман била киднапирана додека си го возела велосипедот на паркинг во Арлингтон, Тексас.
Таа имала и помал брат – Рики – кој си заминал дома пред неа.
Наводно, Амбер и Рики прво биле кај баба им, а пред да излезат, таа ги советувала да не се оддалечуваат многу.
Кога Амбер останала сама, била забележана од 78-годишен старец. И, додека тој гледал кон неа, на пакрингот застанало црно возило од кое излегол непознат маж (најверојатно на возраст помеѓу 20 и 30 години).
Непознатиот маж ја грабнал малата Амбер и ја ставил во возилото, а кога старецот слушнал дека девојчето вика за помош, веднаш повикал полиција.
Речиси веднаш почнала потрага по Амбер во која биле вклучени бројни полицајци и детективи.
Според The New York Times, работеле неуморно и правеле пауза само колку да дремнат.
За жал, потрагата била залудна – малата Амбер била пронајдена четири дена подоцна.
Била мртва, а телото ѝ било фрлено во поток во близина на паркингот од којшто била грабната.
Девојчето немало облека на себе, а убиецот не е пронајден до денес.
Случајот брзо се проширил низ Америка, по што жена од Тексас – Дајен Симон – која и самата била мајка, добила идеја.
Таа се јавила во локална радиостаница и предложила да се направи некаков систем за известување за исчезнати деца.
Си помислила дека штом медиумите можат да пренесуваат итни вести за временски непогоди и слично, зошто да не известуваат и кога ќе исчезне некое дете.
И, нејзината идеја се претворила во „Амбер алерт“.
Системот бил пуштен во употреба од 1996 година и според американскиот веб-сајт, досега има помогнато во спасувањето на над 1.000 киднапирани деца во САД.
Мурал во Арлингтон, Тексас во чест на Амбер
Спирова С. | Црнобело