Девојка од Мексико стана првиот адвокат со Даунов синдром: „Сакам да ги бранам луѓето како мене“
- Детали
- понеделник, 02 септември 2024
Ана од Мексико стана првиот адвокат во светот со Даунов синдром. Дипломирала во Мексико и се надева дека ќе ги инспирира другите луѓе со попреченост да ги следат своите соништа.
До пред само некоја година, стигмата за лицата со Даунов синдром беше и повеќе од очигледна.
Поради недоволна информираност, јавноста ги гледаше овие лица како неспособни да се грижат за себе, а уште помалку да имаат професии и исполнет живот.
За среќа, овие застарени верувања постепено ги оставаме зад нас и сè почесто гледаме лица со Даунов синдром кои ги уриваат стереотипите за нивното нарушување.
Една од нив е Ана Викторија Еспино де Сантијаго од Мексико, која стана првиот адвокат во светот со Даунов синдром.
25-годишната Ана дипломира на универзитетот Autonoma de Zacatecas во Мексико, а студиите ги завршила за пет години.
За разлика од кај нас и бројни други земји, во Мексико правниците не треба да полагаат правосуден испит и можат да станат адвокати само со диплома од правен факултет.
Но, ова не го прави помалку фасцинантен подвигот на Ана, која успеала да дипломира во систем кој не е дизајниран за лица со потреби како нејзините.
За мексиканските медиуми, Ана вели дека желбата ѝ е да застапува лица со попреченост, како неа.
„Сакав да станам адвокат бидејќи тоа ми дава можност да ги бранам луѓето со попреченост, да им помогнам на оние кои немаат глас“.
Младата девојка отсекогаш сонувала да стане адвокат и откако завршила средно, без проблем го положила приемниот испит на факултет.
Но, вели дека и покрај тоа, на почетокот ѝ рекле дека нема да може да студира бидејќи на факултетот нема услови за лица со Даунов синдром.
Кога еден од професорите дознал за неа, одлучил да ѝ помогне, па во период од пет години, колку што траеле нејзините студии, ја придружувал на предавањата и ѝ помагал со учењето.
Ана се надева дека нејзината приказна ќе ги инспирира и другите луѓе со попреченост, но и дека ќе ги мотивира образовните установи да им дадат повеќе простор на лицата како неа.
„Наставниците се клучни за создавање инклузивна средина во образованието“, вели Ана.
Спирова С. | Црнобело