Бебе херој: Се родило во петтиот месец тешко само 410 грама, а сега го прослави првиот роденден
- Детали
- четврток, 25 април 2024
Сите ѝ рекле на мајката дека на бебето му нема спас и да се прости со него, но во мигот кога таа за првпат го ставила на градите, неговата состојба почнала да се подобрува. Месецов, малата Врен го прослави својот прв роденден, иако се родила предвреме, во 5-тиот месец од бременоста.
Наоми Саутерн Агустин од Англија денес ја раскажува нејзината приказна како по компликации во бременоста ја родила ќеркичката Врен во 22-рата недела од бременоста.
Таа зборува за тешката борба, но и проблемите со коишто се соочиле во првите месеци од животот.
Наоми вели дека немала никакви проблеми претходно, но во 22-рата недела од бременоста ненадејно ѝ пукнал воденикот.
Со оглед на тоа што речиси целата течност од воденикот протекла, бебето било родено предвреме, на 6-ти април 2023-та година, со тежина од само 410 грама.
Малата Врен била најмалото предвреме родено бебе во болницата во Бедфордшајр, и лекарите имале мала надеж дека ќе преживее.
Во првите две недели од животот таа била постојано во инкубатор, примала трансфузии и антибиотици за да се избори со сепсата.
Но, по две недели состојбата почнала да се комплицира кога бебето добило инфекција на белите дробови, заради што морало постојано да прима кислород.
По ова бебето било ставено на машина за дишење, но третманот не ги дал посакуваните резултати и девојчето почнало да помодрува.
„По ова дојде консултантката и ми рече: ’Направивме сè, но таа е многу мала‘.
Ми рекоа дека можат да пробаат со стероиди, кои се ризични, затоа што те прават поподложен на инфекции и може да остават трајни последици.
Знаев дека страда и не сакав себично да ја одржувам во живот, но сопругот Роб сакаше да се обиде. Мислевме дека стероидите нема да помогнат, па ги викнавме семејствата за да се поздрават“ - вели мајката, која по професија е медицинска сестра.
Ова било првпат на Наоми да ѝ дозволат да го земе бебето на градите за да ѝ го слушне срцето, а во моментот кога бебето го допрело прстот на татко ѝ, одеднаш престанале да се слушаат алармите од медицинската опрема на кое бебето било поврзано.
По ова, парот уште еднаш се соочил со најголемите стравови кога кај детето се развил срцев проблем, затоа што заради стероидите кои го спасиле, преградата на долните комори на срцето станала подебела.
Но, и овојпат малата Врен докажала дека е вистински борец и се изборила.
„На 50-тиот ден по раѓањето Врен доби тежина од 1 килограм и беше пренесена од одделението за интензивна нега во ургентниот оддел и ова беше мошне важен ден за нас“ – раскажува мајката.
По 131 ден поминати во болници, малата Врен конечно била пуштена дома, а во април 2024 го прослави својот прв роденден.
Татко ѝ Роб МекДонах вели дека кога Врен се родила била со големина на неговата дланка.
„Сега кога ја гледам, како да гледам во друго бебе. Таа помина многу и беше вистински борец од првиот ден“ – вели тој.
Денес таа се развива нормално, а иако има веќе една година, во однос на развојот е како 8-месечно бебе.
Речиси сите се изненадени од нејзиниот развој и од тоа што денес има само минимални здравствени проблеми, со оглед на тоа што се родила премногу рано.
Мајката најави дека планира да напише и книга со цел да им даде поддршка на сите родители кои бдејат над нивните малечки и се молат за вистинско чудо.
Прочитајте и Д-р Денис Ал Кхалили, педијатар: „Нелекуваните инфекции може да предизвикаат предвремено породување, доењето е препорачано“
Б. С. Б. | Црнобело