„Моите деца се родија со 24 дена разлика – по 2 спонтани абортуси, останав бремена во исто време со сурогат мајката“
- Детали
- четврток, 18 април 2024
„Лекарот ми рече дека немам потреба од ин витро. Јас останував бремена и не ми требаше помош за тоа, туку за да се задржи плодот, па се решивме за сурогат“ – вели оваа мајка од САД, која ја раскажува неверојатната приказна како останала бремена во исто време со сурогат мајката што го носела нејзиното бебе. Сега наместо едно, има две бебиња.
Џена Херера (32) од Калифорнија денес е мајка на 6 деца, а ја споделува својата речиси неверојатна приказна за тоа како таа и нејзиниот сопруг Џо, одеднаш станале родители на две дечиња.
Џена се грижи за двете деца од претходната врска на Џо, Џејми (17) и Џезмин (20), а таа има уште две деца, Софија (9) и Изабела (7) од претходна врска, но кога сакале да добијат заедничко дете со сегашниот сопруг, настанале проблемите.
Оваа Американка вели дека во 2013-та година имала 3 спонтани абортуси на возраст од 23 години, а по испитувањата било утврдено дека таа има недостаток на хормони заради што шансите да остане бремена и да ја задржи бременоста се рамни на чудо.
Во периодот додека се обидувале да добијат свое дете со Џо, Џена имала уште два спонтани абортуси, по што одлучиле да побараат лекарска помош.
„Лекарот ми рече дека немам потреба од ин-витро. Јас останував бремена и не ми требаше помош за тоа, проблемот беше да го задржам плодот“ – вели таа, па потоа брзо одлучиле да побараат сурогат мајка.
Тие биле пресреќни кога дознале дека сурогат мајката останала бремена со нивното биолошко дете, добиено од јајце клетките на Џена и семената течност на Џо, во февруари 2023-та година.
Но, она што било неверојатно е кога 4 недели откако добиле убави вести од сурогат мајката, сфатиле дека и Џена е бремена.
Двете жени истовремено биле бремени, а се породиле со само 24 дена разлика. Џена го родила првото бебе Џозеф на 1-ви октомври, а сурогат мајката се породила 24 дена подоцна со уште еден син, кому му го дале името Александар Џејсон.
„Сега имаме близнаци – радоста е двојна, но обврските се петпати поголеми“ – вели Џена за странските медиуми.
Џена сама ги дои двете деца, а таа и сурогат мајката што го родила нејзиното второ бебе се мошне блиски.
Таа верува дека двете деца се зачнати речиси истовремено и вели дека сега многу си личат, но времето ќе покаже дали ќе бидат како близнаци.
Б. С. Б. | Црнобело