Дечко ја убил бившата девојка 2 дена пред нејзиното дипломирање: Убиството што ги потресе Италија и светот
- Детали
- понеделник, 11 декември 2023
Минатата недела, илјадници Италијанци протестираа барајќи поголема заштита за жените, по свирепото убиство на 22-годишна студентка. Младата девојка била убиена од бившиот дечко, само два дена пред нејзиното дипломирање, откако излегла со него да си купи облека за церемонијата.
Семејното насилство врз жените, како и фемицидот се сериозни проблеми во многу држави ширум светот, дури и оние развиените.
Кон крајот на ноември, јавноста беше згрозена од суровото убиство на млада Италијанка кое го извршил нејзиниот посесивен поранешен дечко.
Минатата недела, 22-годишната девојка беше погребана, а илјадници Италијанци излегоа на улиците во знак на протест, барајќи поголема заштита за жените и девојките.
На 11-ти ноември годинава, само два дена пред да дипломира, 22-годишната Џулија Чекетин излегла со бившиот дечко – Филипо Турета – за да си купи облека за дипломирањето.
Младата студентка студирала биомедицина.
Но, кратко откако излегла со бившиот, тие исчезнале.
Дури неколку дена подоцна, надлежните откриле снимка од безбедносна камера која ги прикажувала последните мигови од животот на младата девојка.
Нејзиниот бивш ја нападнал додека биле во автомобилот, и тоа не многу далеку од нејзиниот дом во Вигоново – гратче во близина на Венеција.
Наводно, девојката се обидела да избега, но дечкото ѝ ја залепил устата, насила ја вратил во автомобилот, пред да ја однесе во индустриска област близу градот.
Овде ја нападнал уште еднаш.
Потрагата по телото на девојката траело цела недела, по што било најдено завиткано во најлонски вреќи и фрлено во бездна.
Италијанските власти споделија и детали од грозоморното убиство – студентката имала најмалку 20 прободни рани на главата и вратот и се претпоставува дека била убиена на 11-ти ноември, денот кога и исчезнала.
Надлежните веднаш почнале потрага по убиецот и тој бил уапсен во Лајпциг, Германија.
Според Reuters, убиецот веќе е во Италија каде што го признал страшното злодело.
Убиената Џулија и бившиот се запознале на факултет каде што студирале на иста насока.
Сепак, Џулија требало да дипломира пред него.
Биле во врска околу година и пол, пред таа да му раскине во август годинава.
Според директорката на невладината организација Differenza Donna која се бори против полово базирано насилство, истакнува дека во Италија, на секои три дена е убиена по една жена, најчесто од сегашен или поранешен партнер.
Таа верува дека како во многу случаи, сосема возможно е да станува збор за убиство од љубомора.
„Во токсична врска, најнеподносливото нешто за насилен маж е кога жената е поуспешна од него“.
За италијанските медиуми, се огласил и таткото на убиецот кој вели дека неговиот син бил мирно момче.
„Беше нормално момче, практично совршено. Добро му одеше на училиште, никогаш немаше проблеми со наставниците или соучениците. Никогаш не се расправал со никого“.
Сестрата на убиената Џулија, пак, вели дека ја забележувала неговата посесивност, но никогаш не ни помислувала дека може да ја повреди.
Таа зборува и за проблемот со насилство врз жените кој владее во Италија и ги замолува мажите да внимаваат на нивните проблематични пријатели.
„Не се сите мажи, но убијците секогаш се мажи. Во ова општество, секој маж има одговорност да ги прекорува пријателите и колегите.
Речете му нешто на пријателот кој ја контролира девојка му, речете му нешто на колегата кој им свирка на жените на улица…“
Младата девојка беше погребана на 5-ти декември, а пред катедралата каде што се одржа службата се собраа над 10.000 луѓе.
Додека го изнесуваа нејзиниот ковчег, присутните почнаа да тропаат со клучеви – симболичен гест со кој порачуваат дека не треба да се молчи за ваквото насилство.
Низ Италија беа организирани и низа други протести за поголема заштита на жените.
Спирова С. | Црнобело