Лет во вселената, посета на „Титаник“ – Зошто милијардерите бараат адреналинска возбуда и плаќаат за екстремен туризам?
- Детали
- сабота, 24 јуни 2023
Според Grand View Research, најголемата глобална компанија за истражување на пазарот, за екстремен туризам во 2022 милијардерите потрошиле околу 322 милијарди евра, а таа бројка се очекува да надмине 1 трилион евра во 2023 година.
Луѓето кои се финансиски безбедни и не знаат на што да ги трошат парите, бараат адреналинска возбуда надвор од реалните можности на „обичниот свет“. Според психологот Д-р Скот Лајонс, потрагата по авантура е како зависност од дрога, пишува Daily Mail.
Екстремниот туризам зема сè поголем замав меѓу светските милијардери. Нивната потрага по возбуда е поинаква од онаа на обичните луѓе, кои не можат да си дозволат нереално скапи патувања.
Последен доказ за тоа е и подморницата „Титан“, која потона во близина на Титаник. Во неа загинаа директорот на компанијата што ги организираше посетите до Титаник - Стоктон Раш, нуркачот Пол Анри Наргеоле, британскиот милијардер Хамиш Хардинг, и пакистанскиот милијардер Шахзада Давуд со неговиот 19-годишен син Сулејман.
Тие платиле по 225.000 евра за туристичкото патување на длабочина од околу 3.500m, до дното на океанот, каде што лежат остатоците на славниот брод.
Откако во јавноста се појави првата фотографија од подморницата, многумина беа изненадени од клаустрофобичниот ентериер на 6-метарската подморница „Титан“, која немала столчиња, а наместо тоалет патниците можеле да користат ќеси со вакуумско затворање.
Но, според Д-р Лајонс, чии клиенти се некои од најбогатите луѓе на светот, неудобните услови не ја намалуваат желбата за екстремен адреналин.
Тој вели дека милијардерите сакаат да се почувствуваат живи, бидејќи огромното богатство им нуди мир и безбедност, а вообичаените типови на забава не ги возбудуваат.
Токму затоа некои од нив отидоа во вселената, други нуркаат во длабочините на океаните, а трети скокаат со падобран над Монт Еверест.
Но, само најбогатите и можат да си го дозволат ова опасно задоволство.
„Тие бараат возбуда што ќе им покаже дека се живи, бидејќи, поради богатството, секогаш ќе бидат безбедни. Затоа и преземаат ризици. Но, факт е дека токму поради нивниот карактер на луѓе кои сакаат да ризикуваат, тие и стигнале до таму каде што се“, рекол Д-р. Лајонс.