Филип Тодоровски, пилот во Wizz Air: „Капетанот ја има најголемата одговорност за безбедноста на авионот“

„Поради неможност, пред сè поради финансиски причини, да го продолжам образованието за пилот станав правник, но во 2014 година успеав да се запишам на обука за пилот во Словенија и така денес го живеам мојот сон“, вели Филип Тодоровски (35) од Битола.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-01.jpg

Филип Тодоровски (35), сопруг и татко на 2-годишни близначиња, по професија е пилот во Wizz Air. Работи како пилот од 2017 година и вели дека патот до функцијата капетан пилот не бил воопшто лесен.

Неговата сопруга е поранешна стујардеса и се запознале токму преку своите професии.

Филип завршил основно образование во Битола, па потоа и средно образование во техничкото средно училиште „Ѓорѓи Наумов“, на насоката „машински воздухопловен техничар“ – прва генерација.

Но, потоа поради неможност, пред сè поради финансиски причини, да го продолжи образованието за пилот што му била голема желба, се одлучил да се запише на правни студии и станал дипломиран правник.

Потоа, станал и магистер по право на интелектуална сопственост.

Тој за CRNOBELO.com вели:

„Во 2014 година успеав да се запишам на обука за пилот во Словенија и првата приватна лиценца за едномоторен авион ја добив во 2015-та, а потоа во 2016-та година се здобив и со комерцијална лиценца за пилот.

Во 2017 година добив работа во Wizz Air како прв офицер, по што ја завршив и обуката за тип на авион Ербас А320/321 во Тулуз, Франција, а во 2022 станав капетан“.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-24.jpg

Во интервју за CRNOBELO.com Филип открива детали за професијата:

Какво е чувството да се управува патнички авион? Но, и одговорноста… Дали по извесен период возбудата се претвора во рутина?

Не би рекол дека возбудата се претвора во рутина, но сепак морам да признаам дека не е со ист интензитет како на почетокот.

Кога го работиш тоа што го сакаш возбудата никогаш не престанува, но преминува во едно убаво посмирено чувство на среќа и гордост бидејќи си успеал да го работиш она што отсекогаш си го сакал.

Што се однесува до одговорноста, секогаш мора да биде на највисоко ниво, бидејќи управувањето со патнички авион не е едноставна работа и мора да се внимава на сите правила и прописи за безбедно да се превезат патниците до својата дестинација.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-05.jpg

Како ти изгледа работниот распоред? Спиеш ли по различни земји во светот?

Распоредот излегува две седмици пред почетокот на работниот месец така што однапред се знае кои денови летаме и на кои дестинации.

Се лета на сите дестинации на кои лета Wizz Аir од Скопје, најчесто накај Германија, Италија, Франција, Данска, Шведска, Норвешка, Холандија, Белгија и други, но принципот на работа на Wizz Аir не е да се останува со спиење на одредена дестинација, туку секој ден се враќаме во нашата база Скопје, што е добредојдено за еден порелаксиран фамилијарен живот.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-06.jpg

Колку си во комуникација со кабинскиот персонал?

Со кабинскиот персонал сме во постојана комуникација и тие имаат една витална улога за безбедноста на еден лет.

Покрај тоа што ги служат патниците со храна и пијалаци, нивната главна улога е да се погрижат за безбедноста на тие патници.

Би рекол дека тие се нашите очи и уши за сè што се случува во кабинскиот дел на авионот и поради тоа комуникацијата и координацијата со кабинскиот персонал е многу важна за безбедноста на еден лет.

Јас сум им навистина многу благодарен пред сè за нивната професионалност и посветеност.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-15.jpg

Моментално ти ја имаш функцијата на капетан пилот во Wizz Air… Каква е улогата?

Да бидеш капетан значи да го имаш последниот збор за сите одлуки што се носат во текот на еден лет, од моментот кога ќе влезеш во авионот до моментот кога ќе излезеш.

Секако, сите одлуки се носат со прибирање на информации од сите можни ресурси, во координација и со помош на првиот офицер и на кабинскиот персонал, но сепак крајната одлука ја носи капетанот.

Тоа значи дека капетанот ја има и најголемата одговорност за безбедноста на авионот, на патниците и на екипажот.

Покрај одговорноста за безбедноста, капетанот се грижи и за ефикасноста на еден лет и дава насоки како да се извршат одредени задачи.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-19.jpg

Каква униформа носиш?

Униформите кои ги носиме се класични пилотски униформи, но без капи.

Во Wizz Аir пилотите не носат капи и униформите ја означуваат функцијата која ја извршуваме, така што капетанот секогаш носи сако или кошула со епаулети со 4 црти, додека првиот офицер има 2 или 3 црти.

За жешките летни денови имаме можност да носиме кошули со кратки ракави, а за студените зимски денови имаме зимски додатоци на униформата, како јакна, ракавици, шал и џемпер.

filip-todorovski-kapetan-pilot-vo-wizz-air-kapetanot-ja-ima-i-najgolemata-odgovornost-za-bezbednosta-na-avionot-16.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Maкедонија има талентирани млади луѓе: Филип Велковски е наш кларинетист, кој работи и како модел (ф... „Можеби звучи како клише, но ние музичарите мораме да започнеме од најмала возра...
Филип Костовски, чевлар: „Ги поправив најскапите чизми што сум ги видел, чинат над 4.500 долари“ „Чизмите за поправка ги донесе Македонка која работи во странство. Нè пофали за ...
Филип Николоски: „Живеам со церебрална парализа, но животот е преубав ако се знае како да се живее“ „Мојата дијагноза е церебрална парализа, но животот е преубав и покрај сè, ако с...
Момчето што го играше „Зоки Поки“ порасна: „Ако не станам актер, ќе бидам пилот“ „Многу често се случува да ми го згрешат името и да ме викаат Зоки. На најмалата...
Ракометарот Филип Лазаров за родното Свети Николе: „Таму и денес со другарите од детството играм бас... „Нашата куќа беше во близина на кошаркарското игралиште, па додека татко ми седе...
Филип и Ивона, наш инфлуенсерски пар со впечатлив моден стил: „Обожаваме кежуал стил и фотографија“ „Двајцата сме љубители на тој некој убав кежуал стил, кој се издвојува и е уника...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg