Момчето што го играше „Зоки Поки“ порасна: „Ако не станам актер, ќе бидам пилот“
- Детали
- недела, 10 ноември 2024
„Многу често се случува да ми го згрешат името и да ме викаат Зоки. На најмалата публика морам да ѝ објаснувам дека тоа не е моето име“ – вели за CRNOBELO.com, Матеј Настевски момчето кое маестрално го одигра Зоки Поки во истоимената серија од 2019-та година. Како изгледа тој денес и што прави?
Матеј Настевски е детето кое во 2019-та година маестрално ја одигра улогата на нашиот херој од детството „Зоки Поки“, во серијата инспирирана од романот на Оливера Николова, со која голем број генерации го започнаа и сè уште го започнуваат своето образование од областа на литературата.
Додека децата сè уште ја гледаат серијата на нашите телевизии и на некои од стриминг платформите, детето кои сите го поврзуваме со името „Зоки – Поки“ веќе порасна и во моментов веќе е тинејџер.
Матеј денес има 15 години, и е средношколец во прва година средно во СМУГС Панче Караѓозов, а помеѓу писмените и подготовките за тестови за читателите на CRNOBELO.com, одвои време да одговори на повеќе наши прашања и сподели фотографии со нас.
Тој ни откри како ја добил улогата во серијата, дали сè уште комуницира со најдобрите другари од неа и ни откри некои детали од приватниот живот.
Во продолжение проследете го целосно интервјуто со Матеј:
Раскажи ни накратко како дојде до тоа токму ти да ја добиеш улогата на Зоки Поки?
Бев на кастинг за друг филм, каде што требаше да ја глумам главната улога.
Но, во последен момент работите се сменија…
Интересен е фактот што во тој момент, имаше друг кастинг и агент кој ме повика да се пријавам за кастинг за Зоки Поки, па јас без размислување ја прифатив улогата.
Што ти беше најтешко за време на снимањето, а кој ти беше омилен дел? И кој од возрасните актери ти стана вистински идол?
Најтешко за време на снимањето ми беше кога работев со статистите на моја возраст, а од возрасните актери идоли ми се Сашко Коцев и Сабина Ајрула Тозија, бидејќи се актери и личности од кој многу научив.
Дали сега ти недостасува таа еуфорија од снимањето на серијата? Што ти недостасува најмногу?
Да… Сè уште ми недостасува… Ми недостасува моментот на дружба зад камерите.
Дали со Коки, Боки и Лидија сте најдобри другари и во приватниот живот? Се дружите ли приватно?
Порано почесто контактиравме, сега повеќе контактираме преку социјалните мрежи, како и сите на моја возраст.
Дали сè уште сакаш да бидеш глумец кога ќе пораснеш и одиш ли сè уште на часови по глума?
Желбата сè уште постои, посетувам часови по глума, и не ми пречи во моето образование.